Тој што ќе биде определен, функцијата ќе ја врши до изборот на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци
Советот на јавните обвинители за денеска закажа седница на која треба да определи вршител на функцијата државен јавен обвинител откако Љупчо Коцевски пред два дена си поднесе неотповиклива оставка.

Седницата на Советот е закажана во 11 часот, а „донесувањето одлука за определување на вршител на функцијата Јавен обвинител на Јавното обвинителството на Република Северна Македонија“, е единствена точка на дневниот ред, ако се изземе точката разно, која е дел од секое заседание на ова тело.
Според соопштенито за најавата на седницата, односно согласно членот 25 став 3 од Законот за Јавното обвинителство вршителот на фуникцијата треба биде определен од редот на јавните обвинителите во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Тој што ќе биде определен, функцијата ќе ја врши до изборот на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.
„Ако на јавниот обвинител на јавното обвинителство му е истечен мандатот, му престанала функцијата или е разрешен, Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија со одлука донесена од мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, определува јавен обвинител од редот на јавните обвинители во тоа јавно обвинителство, кој ќе ја врши должноста до изборот на јавен обвинител во тоа јавно обвинителство, а ги исполнува условите за јавен обвинител на тоа обвинителство, но не подолго од шест месеци“,
се вели во ставот 3 од членот 25 од Законот за Јавното обвинителство.

Ова Јавно обвинителство, највисоко во хиерархијата, брои 10 члена – Анита Тополова-Исајловска, Исмаил Дарлишта, Соња Симовска, Ферат Елези, Џелал Бајрами, Елвин Вели, Лиле Стефанова, Наум Паноски, Валентина Стојановска и Златко Биковски.
Инаку, Собранието сè уште не ја почнало постапката за избор на нов државен јавен обвинител, а во која првиот чекор е објавување оглас на кој ќе можат да се пријавата заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат условите да раководат со единствениот орган во државата кој е надлежен за гонење на сторители на кривични дела.
Доскорешниот државен јавен обвинител, Љупчо Коцевски, во вторникот на прес-конференција соопшти дека поднел неотповиклива оставка од функцијата.
Коцевски за одлуката информираше во очи собраниската седница на која требаше да се разгледува предлогот на Владата за негово разрешување од функцијата.
До расправа во Собранието воопшто не дојде, бидејќи, како што информира претседателот на закондавниот дом на почетокот на седницата, разгледувањето на оваа точка станува беспредметно, имајќи ја предвид поднесената оставка на Коцевски. Во таа насока тој само ја констатираше оставката на Коцевски.
Коцевски, во изјавата за медиумите во заградата на Јавното обвинителство, рече дека од функцијата заминува со гордо крената глава, но и со разочараност поради, како што наведе, очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава.

Тој наведе дека негово разрешување се барало, не затоа што сторил крупна дисциплинска повреда, туку затоа што јавно говорел дека Обвинителството работи во тешки услови, без доволно кадар и ресурси. А, тоа, како што посочи Коцевски, е поради недоволните средства што Јавното обвинителство ги добива од државниот буџет за што одлучува Владата.
Во тој контекст, тој посочи на последниот извештај на Европската комисија (ЕК) во кој најголема критика, како што кажа, беа политичките притисоци врз правосудството, кои ја парализираат борбата со корупцијата.
„Предлогот за мое разрешување е вистински пример за тоа, кој, верувам, ќе се најде во следниот извештај“,
рече тој.
