Очекувам час поскоро ќе направиме сè да ги комплетираме институциите низ демократски избори каде ќе може да се искористи правото на граѓаните да избираат, да одлучуваат за тоа кој ќе ја преземе судбината за државата.
Ова го порача техничкиот премиер Оливер Спасовски откако присуствуваше на состанокот на Советот за безбедност по кој претседателот Стево Пендаровски рече дека ќе прогласи нова вонредна состојба од 14 дена.

„Секој до нас мора да биде свесен дека мораме да живееме со пандемијата и согласно на тоа да се подготвуваме на тоа во наредниот период. Уште поважно е дека мора да имаме функционални институции, кои ќе носат одлуки во интерес на здравјето и на економијата. Ние сега имаме нефункционален парламент, преодна влада формирана за одржување на парламентарни избори и состојба која не доведе да функционираме во услови на здравствена и економска криза. Затоа институциите мора да преземат одговорност, пред сè и во делот на одржување на изборите и на тој начин да се состават во полн капацитет Собранието и нова политичка влада која ќе ги преземе сите активности за справување со здравствените и економските предизвици“,
изјави Спасовски нагласувајќи дека е неодговорно кон граѓаните да се остави државата без институции со полн капацитет.
Во моменти кога партии не може да постигнат договор, рече тој, институциите ќе преземат одговорност и затоа владата побарала нова вонредна состојба од 14 дена. Премиерот смета дека во новата вонредна состојба ќе се завршат сите аспекти во справувањето со економските последици и ќе се продолжи со сите останати мерки за справување со кризата.
Тој апелираше да се почитуваат сите мерки и препораки, да се одржува дистанца, да се носи заштитна опрема, да се почитуваат протоколите донесени од здравствените институции.