Игуменот Вартоломеј во својот говор посочил дека по одлуката на Вселенската патријаршија сега живееме во историски моменти односно веќе го живееме чудото сите да сме заедно на исто место. Ми се оствари тајната желба, рекол тој, да го посетам Бигорскиот манастир
По одлуката на Вселенската патријаршија да го признае канонскиот статус на Охридската архиепископија во прва официјална посета на Бигорски манастир дојдоа монаси од Света Гора. Во Бигорски се игуменот на светогорската свештена обител есфигмен, архимандрит г. Вартоломеј, заедно со браќа монаси од својот манастир и во придружба на високопреподобниот архимандрит г. Никанор од манастирот на Светите Бесребреници во градот Перник.
„На свечениот и официјален манастирски пречек, од страна на нашиот старец и игумен, епископ Партениј Антаниски, на светогорскиот старец му беше подарен архимандритски крст од илјадагодишниот јубилеј на Бигорската обител. Според манастирскиот типик, ценетиот гостин и неговата придружба беа со песнопенија и ѕвона внесени во Претечевиот храм, каде што беше отслужено пригодно молитвословие“,
вели отец Кирил.
Тој додава дека двајцата имале и говори. Епископот Партениј го потенцирал значењето на оваа посета по одлуката на Вселенската патријаршија.
„Сегашниов благодатен настан за нас претставува една огромна радост, особено затоа што вие сте првиот игумен од Света Гора кој доаѓа во официјална посета на нашиот манастир по прогласувањето на богслужбеното и канонско единство на нашата црква од страна на светиот престол на мајката црква, Вселенската патријаршија. За нас, како и за сите православни, Света Гора значи многу. Сето ова што го гледате сега во нашиов манастир, ова братство, е благодарение токму на мајката божја, која некогаш благоизволи и го просветли преподобниот старец Георгиј Капсанис да ги отвори вратите на своето срце и на својот манастир за првите монаси на Света Гора од кај нас. Вие го донесовте благословот на Света Гора овде, само неколку дена по пристигнувањето на благата вест од пресветлиот центар православието,Вселенската Патријаршија“,
рекол владиката Партениј.
Преку личноста на патријархот Вартоломеј и со неговото благоволение да нè прими и прифати во лоното на црквата и во семејството на православните, рекол владиката, за нас се случи второто просвештение.
Игуменот Вартоломеј, пак, потенцирал дека му се исполнила тајната желба што ја имал со години да го посети овој манастир.
„Една тајна желба што ја имав многу години, во овој миг ја гледам како се исполнува на еден чудесен начин. Не беше во нашата програма да дојдеме овде во манастирот, зашто нашата мисија беше да ги однесеме во Софија за поклонение чесните мошти на Светите Браќа Кирил и Методиј, од кои дел се чуваат во нашата обител. Архимандритот Никанор од манастирот на Светите Бесребреници во Перник е брат на нашиот манастир и неговиот манастир ние го сметаме и како наш. Имено тој беше оној кој ја смисли и ја оствари програмата да дојдеме денеска кај вас. Во себе почувствував една огромна радост, затоа што слушав, гледав, чувствував за вашиот манастир“, потенцирал игуменот.
По одлуката на Вселенската патријаршија, оценил тој, сега живееме во историски моменти односно веќе го живееме чудото сите да сме заедно на исто место.