Податоците на ЦИК до 8 часот утринава покажуваат дека коалицијата ГЕРБ-СДС води со 26,67 отсто од гласовите, два отсто помалку има коалицијата ПП-ДБ со освоени 24,68 проценти од гласовите
Согласно обработените 81 отсто од вкупниот број гласови од страна на Централната изборна комисија (ЦИК), во бугарскиот парламент влегуваат шест партии.
Податоците на ЦИК до 8 часот утринава покажуваат дека коалицијата ГЕРБ-СДС води со 26,67 отсто од гласовите.
Два отсто помалку од гласовите на коалицијата на ГЕРБ-СДС добила коалицијата на Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија (ПП-ДБ) со освоени 24,68 проценти од гласовите.
Во битка за третото место води Преродба со близу два отсто пред ДПС. Од досега обработените 81 отсто од гласовите, Преродба освоила 14,58 отсто од нив, а ДПС 12,69 проценти од гласовите.
Петта е Бугарската социјалистичка партија (БСП) со освоени 9,03 отсто од гласовите и Има таков народ (ИНТ) со освоени 4,25 проценти од досега обработените 81 отсто од вкупниот број гласови.
Партиите Бугарски подем и Левица, од досега обработените гласови, добиле 3,07 отсто и 2,28 отсто од нив.
За да се освојат пратенички мандати во Бугарија, потребно е партијата/коалицијата да освои најмалку 4 отсто од гласовите.
Досега обработените гласови од парламентарните избори говорат дека дури 85 966 луѓе се изјасниле дека не поддржуваат никого.
Заклучно со 8 часот утринава, Централната изборна комисија обработила 98,10 отсто од гласовите од странство.
Според нив, води ДПС со освоени 36,81 отсто, по нив е коалицијата на Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија која добила 26,64 проценти од гласовите, а трета е Преродба со освоени 16,42 отсто. Коалицијата ГЕРБ-СДС е на четвртото место со освоени 8,36 проценти од досега обработените гласови од странство.