Од ЦУК велат дека се известени надлежните служби од „Водовод и канализација“, противпожарната служба и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кои се во подготовка за постапување согласно своите надлежности

Невремето кое попладнево зафати неколку скопски населби предизвика поплавување на неколку улици и булевари, но има и паднати дрвја на различни локации.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека преку бројот за итни повици 112 до нив била стигната пријава дека на булеварот под стоковната куќа „Мост“ има околу 50 сантиметри вода поради што повеќе возила се заглавени.
Исто така, до ЦУК стигнала пријава и дека е поплавена улицата „Петар Манџуков“, во населбата Бутел, како и булеварот „Македонска Косовска Бригада“ во Општина Чаир каде исто така имало заглавени возила. Во овој дел од Чаир поплавен и е паркот.
Од ЦУК велат дека се известени надлежните служби од „Водовод и канализација“, противпожарната служба и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кои се во подготовка за постапување согласно своите надлежности.
Освен за поплавени улици и булевари до ЦУК стигнале пријави и за паднати дрвја и навалена бандера од уличното осветлување на улицата „Народни херои“ кај Мечкаров, во Општина Кисела Вода.
Паднато дрво имало на улицата „Кочо Битолјанов“, од спротивната страна на „Алкалоид“, во близина на Скопска Пивара. Од паднатото дрво, додаваат од ЦУК, постои опасност да бидат оштетни електрични кабли.
На улицата „Франклин Рузвелт“ во близина на поранешна „Треска“, во Општина Карпош, има паднато дрво кое блокирало три сообраќајни ленти. Во овој дел од улицата сообраќајот моментално се одвива само по една лента.
Од ЦУК велат дека надлежната служба е веќе известена и се очекува наскоро да пристапи кон отстранување на дрвото.