По нападот на новинарот Фуркан Салиу, извршителката Весна Јакимовска била повикана на службен разговор во полициската станица во Кичево, каде што, како што наведуваат од МВР, физички нападнала полицаец и го уништила изготвениот службен материјал
Кичевската полиција доцна синоќа, околу 23:20 часот, ја уапсила извршителката Весна Јакимовска која претходно во текот на денот го нападна новинарот Фуркан Салиу од „Портал икс“ додека тој со екипа од својот медиум снимал продолжение на серијалот истражувачки стории во врска со нејзината работа.
Информацијата дека извршителката е лишена од слобода е објавена во билтенот на МВР со вчерашен датум.
Во полициската информација, меѓу другото, се наведува дека В.Ј. – чии иницијали соодветствуваат на името на извршителката – го нападнала Ф.С., односно новинарот Фуркан Салиу, и ја оштетила неговата опрема. По нападот на новинарот, таа била повикана на службен разговор во полициската станица во Кичево, каде што, како што се наведува во информацијата од МВР, физички нападнала полицаец и го уништила изготвениот службен материјал.
„На 21.03.2024 во 23.20 часот, полициски службеници од ОВР Кичево ја лишиле од слобода В.Ј. (60) од Скопје. Таа претходно на улицата ’Трајче Стрезоски’ во Кичево физички го нападнала Ф.С. (33) од Скопје и ја оштетила неговата службена опрема, а потоа во службените простории на ОВР Кичево, каде што била повикана на разговор, физички го нападнала полицискиот службеник и го уништила изготвениот службен материјал“,
се наведува во полицискиот билтен на МВР.
Од МВР додаваат дека по целосно расчистување на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.
Новинарот Фуркан Салиу од „Портал икс“ вчера на социјалните мрежи информира дека бил физички нападнат од извршителката Весна Јакимовска додека заедно со екипа од својот медиум ја извршувал работната задача, односно снимал продолжение на серијалот истражувачки стории во врска со нејзината работа.
Во меѓувреме, медиумот објави видеоснимка од инцидентот.
Нападот на новинарот Салиу го осудија Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).