Инцидентот се случи кога Крис Рок го претставуваше најдобриот документарен филм на „Оскарите“ и се пошегува на сметка на избричената глава на сопругата на Смит, Џејд Пинкет Смит
Актерот Вил Смит му се извини на колегата Крис Рок затоа што го удри на церемонијата за доделување на „Оскарите“, по неговата шега за сопругата на Смит.
Смит, кој ја доби наградата за најдобар актер за улогата во филмот „Кралот Ричард“, на Инстаграм објави дека неговото однесување е „неприфатливо и непростливо“ и јавно се извини.
„Би сакал јавно да ти се извинам, Крис. Ја поминав границата и згрешив“,
напиша Смит.
Тој додава дека насилството во која било форма е „отровно и деструктивно“ и објасни дека шегата за здравјето на неговата сопруга премногу го погодила и дека реагирал емотивно.
Тој додаде дека се чувствува засрамен, а ѝ се извини и на Академијата за филмски уметности и науки, на продуцентите на „Оскарите“, присутните на церемонијата и на сите што ја следеа церемонијата.
Извинувањето дојде откако Американската академија за филмски уметности и науки објави дека ги осудува постапките на Смит и најави дека ќе започне истрага за евентуално одземање на наградата откако тој му удри шлаканица на водителот на церемонијата.
Инцидентот се случи кога Крис Рок го претставуваше најдобриот документарен филм на „Оскарите“ и се пошегува на сметка на избричената глава на сопругата на Смит, Џејд Пинкет Смит.
Рок рече дека едвај чека да ја види Пинкет Смит како глуми во „Џ.И. Џејн 2“ (каде што главниот лик е ќелава жена), што го натера Смит да излезе на сцената и да го удри, бидејќи причината за изгледот на Пикет Смит е болеста алопеција.
Откако Смит се врати на своето место, тој и го опцу Рок.
По инцидентот, Смит ја доби наградата за најдобар актер за филмот „Кралот Ричард“.