Бугарскиот премиер Росен Жељазков порача дека желбата на владата е да биде на нивото кое кое општеството го очекува од неа, алудирајќи на барањата на граѓаните кои, на едни од најмасовните протести во Бугарија, побараа оставка на актуелната влада
По масовните протести во Бугарија во последните неколку недели, бугарскиот премиер Росен Жељазков денеска објави дека владата поднесува оставка. Рече дека желбата на владата е да биде на нивото кое општеството го очекува од неа, алудирајќи на барањата на граѓаните кои, на едни од најмасовните протести во Бугарија во последните децении, побараа оставка на актуелната влада.

„Моќта произлегува од суверенитетот, тоа е гласот на народот. Како што постојано наведуваме, го слушаме гласот на граѓаните кои протестираат. Затоа, мора да ги исполниме нивните барања – оставка на владата. Млади, стари, луѓе од различни етникуми го кренаа својот глас за оставка. Граѓанската енергија мора да се поддржи и охрабри, бидејќи светот се соочува со многу предизвици и ние мора да ги зачуваме достигнувањата на демократијата за кои се боревме во текот на овие децении“,
рече премиерот Жељазков по состанокот со владините коалициски партнери.
Бугарскиот премиер ова го објави кратко пред закажаното гласање за недоверба на бугарската влада во парламентот, кое минатата недела го поднесоа пратениците од „Промените продолжуваат – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) по големиот протест во Софија на 1 декември.
Изминатиот период Бугарија се соочува со едни од најмасовните протести во земјата во последните децении поради предлог-буџетот за 2026 година, кој би имал зголемени даноци и придонеси за социјално осигурување, предложени од владата која многу Бугари ја сметаат за корумпирана. Десетици илјади луѓе протестираа против економските политики на владата во Бугарија и побараа нејзина оставка.
