Могерини беше приведена на 2 декември во рамки на истрага поврзана за наводна злоупотреба на средства на ЕУ
Поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, поднесе оставка од функцијата ректор на Колеџот на Европа. Потегот уследи откако таа се најде меѓу осомничените во случајот за злоупотреба на средства на ЕУ во кој се вклучени и Колеџот на Европа и Службата за надворешни работи на ЕУ.

„Согласно со највисоките стандарди на строгост и праведност со кои отсекогаш ги извршував моите должности, денес одлучив да поднесам оставка од мојата позиција ректор на Колеџот на Европа и директор на Дипломатската академија на Европската Унија“,
порача таа во писмена изјава.
Могерини беше приведена на 2 декември во рамки на истрага поврзана за наводна злоупотреба на средства на ЕУ. Покрај неа, полицијата го приведе и Стефано Санино, висок државен службеник на ЕУ и генерален секретар на Европската служба за надворешни работи од 2021 до 2024 година.
Откако беа приведени на сослушување, Могерини и другите двајца осомничени беа ослободени согласно оценката дека не постои ризик од нивно бегство.
