Чистење и миење на сите сообраќајници во Скопје, дезинфекција и дезинсекција на сите места каде што се поставени контејнери и во нивната блиска околина, ревизија на работата на Управниот и Надзорниот одбор во „Комунална хигиена“, проверка на договорите за вработување во ова градско претпријатие, се дел од барањата кои денеска ги изгласаа советниците во Советот на Град Скопје на вонредна седница
По комуналниот колапс на Скопје поради бунтот во „Комунална хигиена“ – Скопје претходниот викенд, денеска во Советот се одржа вонредна седница на која советниците донесоа низа заклучоци со кои им наметнаа задолженија на градоначалничката Данела Арсовска и на јавното градско претпријатие.
Претседателот на Советот на град Скопје, Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ, по координацијата на советничките групи го прочита заклучокот, во кои се предвидени и мерки.

„Прво се задолжува градоначалникот на град Скопје и ЈП ’Комунална хигиена’ – Скопје да ги преземат следните мерки: редовно чистење и миење на сите сообраќајници во Град Скопје; дезинфекција и дезинсекција на сите места каде што се наоѓаат контејнерите и во блиската околина; дезинфекција и дезинсекција и редовно одржување на контејнерите; итна набавка на пет нови камиони и механизација за собирање на отпад; итна набавка на пет модерни еколошки чистачи на улиците и сообраќајниците“,
наведе Славевски.
Меѓу заклучоците е и детална проверка на договорите на вработените, за кои има сомнеж дека не се појавуваат на работа, а остваруваат право на плата, како и на оние што имаат нерегулиран статус повеќе од пет години.
„Одговорност за сите кои директно или индиректно учествувале во креирањето на ваквите состојби во ЈП ’Комунална хигиена‘. Проверка и на договорите за вработување и во останатите јавни претпријатија во соработка со надлежните државни институции“,
посочи Славевски.
Меѓу заклучоците на советниците на Советот на Град Скопје се и ревизија на работата на членовите на Управниот и на Надзорниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“, како и формирање и на работно тело за надзор на работата на јавното претпријатие.
Советниците побараа и редовни координации меѓу градоначалничката и координаторите на советничките групи.
„Соработка меѓу сите јавни претпријатија за надминување на состојбите во градот. Изработка на функционална анализа на сите установи, институции, вклучувајќи ја и администрацијата на Град Скопје да се изработи темелно, непристрасно за да може да служи како основа за унапредување на јавните услуги. Во кризниот штаб да се вклучат и претставници од членовите на Советот на град Скопје“,
наведе Славевски.

Советниците во заклучоците наведуваат дека бараат и извештај од страна на ЈП „Комунална хигиена“ и во рок од три дена да го достави до Советот на Град Скопје, потоа да се достави Програма за јавната чистота, да се реализира и јавна дебата за разгледување на можностите за децентрализација на дел од надлежностите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
За овие заклучоци на денешната вонредна седма седница на Град Скопје едногласно гласаа вкупно 24 советници од Советот на Град Скопје.
Градоначалничката Арсовска, пак, не се одзва на поканата и не беше присутна на седницата. Претседателот на Советот, Трајко Славески, изјави дека од Арсовска не добил никакво известување дека таа нема да биде присутна на оваа седница. Тој кажа дека седницата ја закажал уште во понеделникот, а од градоначалничката наредниот ден добил допис во кој му било соопштено дека ѓубрето се собира, но не добил одговор дали таа ќе присуствува или не на денешната вонредна седница.