Утрово летечки објект навлезе во воздушниот простор на Полска, членка на НАТО, од правец на границата со Украина, соопшти Оперативната команда на полската армија. Полскиот генерал изјави дека сè укажува оти најверојатно се работи за руски проектил кој подоцна се вратил во Украина
НАТО ја следи ситуацијата во Полска по извештаите дека руска ракета можеби навлегла во воздушниот простор на земјата членка на Алијансата, напиша генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, на социјалната мрежа Х, пренесуваат британските медиуми.
„Разговарав со (полскиот) претседател Анджеј Дуда за ракетниот инцидент во Полска. НАТО останува солидарен со нашиот ценет сојузник, ја следи ситуацијата и ќе одржува контакт додека се разјаснат фактите“,
увери Столтенберг и додаде дека НАТО ќе остане буден.
Холандскиот премиер Марк Руте оцени дека Русија нема да престане да ја напаѓа Украина.
„Русија уште еднаш предизвикува многу цивилни жртви. „Единствениот соодветен одговор на масовниот руски напад е поголема финансиска и воена поддршка за Украина за да може да се одбрани од оваа континуирана руска агресија“,
напиша холандскиот премиер во оставка Марк Руте на социјалната мрежа Х, пренесе холандската агенција АНП.
Украина денеска беше мета на комбиниран воздушен напад со ракети и беспилотни летала, соопшти украинската армија. Неколку градови низ Украина беа цел на рускиот напад, вклучувајќи ги Киев, Лавов, Харков и Одеса.
Руските комбинирани напади оставија најмалку 27 мртви и повеќе од 140 повредени, а бројот се очекува да се зголеми додека продолжуваат операциите за помош, соопштија украинските власти.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека, според проценките, Русија денеска лансирала околу 150 проектили во најголемиот воздушен напад врз Украина и оти повеќето од нив биле соборени. Зеленски додаде дека Русите „го испукале речиси секое оружје што го имаат во својот арсенал“.
Утрово летечки објект навлезе во воздушниот простор на Полска, членка на НАТО, од правец на границата со Украина, соопшти Оперативната команда на полската армија. Полскиот генерал изјави дека сè укажува оти најверојатно се работи за руски проектил кој подоцна се вратил во Украина.