Шефот на дипломатијата најавува дека во втората половина на овој месец ќе биде воспоставена службена комуникација со земјата која го презема претседателството со ЕУ од Словенија
Во втората половина на јануари, по формирањето на Владата во Северна Македонија, ќе биде воспоставена комуникацијата со Франција, како актуелен претседавач на Европската Унија, во насока на можностите кои земјава би ги имала за време на француското претседателство за одблокирање на процесот на евроинтеграциите.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање дали стапил во контакт со официјален Париз во однос на натамошните чекори за можноста за почеток на преговор. Тој нагласи дека таа комуникација веќе постои.
„Во однос на Франција јас веќе имам воспоставена комуникација и барање за посета и средба со највисоките француски власти. Првично беше договорено таа средба да се реализира овие денови, меѓутоа сепак одлучивме дека таа средба треба да се реализира после формирањето на новата влада овде кај нас, односно во втората половина на јануари, кога ќе треба официјално да се воспостави таа комуникација, која и сега, во меѓувреме, , меѓутоа е потребна за да се утврдат француските планови и позици по однос на нивниот ангажман во овој процес“,
рече Османи.
Пред помалку од еден месец, францускиот претседател, Емануел Макрон, на прес конференција во Париз, ги претстви приоритетите на новото претседателство со ЕУ.
„Нема да можеме да изградиме Европа на мирот во следните 50 години ако го оставиме Западниот Балкан како што е денеска“,
изјави Макрон на 9 декември и истакна дека во јуни ќе организира конференција за регионот.
Францускиот амбасадор во земјата, Сирил Бомгартнер, во интервју во емисијата „360 степени“ рече дека може да се очекува од претседателот Емануел Макрон да преземе чекори за олеснување на дијалогот помеѓу Софија и Скопје, односно дека има повод да преземе иницијативи и да ги придвижи работите напред. Бомгартнер не откри каков потег или потези конкретно може да преземе Макрон за решавање на спорот со Бугарија, но порача дека започнувањето на преговорите за нашата земја со ЕУ е нешто што сите го посакуваат.