На завршниот митинг од Скопје, Мицкоски се осврна и на Кичево и кандидатот од редовите на неговата партија. Според него, Кичево се наоѓа пред историска можност да избере градоначалник што ќе ги промовира инклузивноста и соживотот меѓу сите
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва се обрати на завршниот митинг во Скопје за вториот круг од локалните избори кој се одржа на платото пред Филхармонија и најави дека следува период на реализација на 70 нови проекти во различни области, како образование, здравство, земјоделство, култура, проекти, за кои, како што додаде, ќе значат нова развојна фаза на Македонија.

„Нашата цел не е само политичка победа, туку обединување на вербата дека Македонија може и мора да биде подобра земја. И оди потешко од што мислевме, но сепак основите ги поставивме. Некои мислеа дека тоа ќе оди преку ноќ, но темел не се прави од муабет, туку од пот и многу поминати часови на средби, планирања, анализи, патувања, размена на мислења и одлуки. И затоа денеска можам да кажам дека темелот е поставен. Сега, по изборите, почнува фаза на жестока фаза и големи резултати“,
кажа тој.
Посочи дека во наредниот период ќе почне реализација на повеќе од 70 проекти во инфраструктурата, енергетиката, здравството, образованието, земјоделството, културата, технологијата, правдата итн.
„Ќе има конкретни чекори, како нови училишта, модерни болници, мерки за чист воздух, дигитална администрација и инвестиции што ќе треба да донесат достоинствени плати“,
вели Мицкоски.
Најави и дека ќе преземат серија конкретни мерки што ќе го подобрат животот на луѓето, ќе ја зацврстат економијата и ќе донесат подобро во секој дом.
„Да, животот е скап, секој ден е борба со сметки, со гориво, со кирија. Но, нема да чекаме да се намалат цените сами од себе. Ќе создадеме услови за повеќе пари во џебот, за поевтино живеење, за повеќе можности. Мора да ја направиме државата сојузник на граѓаните, а не непријателски систем што е трул и што предизвикува тие да се иселуваат. Ниту еден млад човек нема да биде оставен без шанса за дом. Ниту еден бизнис нема да пропадне зашто државата му стои на пат. Ниту една мајка нема да мора да избере меѓу кариера и семејство. Ова не е фантазија, ова е план“,
рече лидерот на владејачката партија.
Според него, се гради системот што во иднина ќе функционира без оглед на тоа кој е на власт, зашто државата, како што додаде, не е ничија приватна фирма, туку наш заеднички дом.
Откако ја презеле власта, вели дека приоритет е да се консолидира државата, а бидејќи веќе се поставени темелите сега почнува фазата на резултати.
„Таа фаза не може да започне без жестока и правична борба против корупцијата. Тоа не е слоган, туку тест за нашата совест и легитимитет. Ќе има еднаквост пред законот и одговорност за злоупотреба, без оглед на функција, партија или препорака. Корупцијата е најскапата даночна стапка во оваа земја, а кога ја рушиш, ги ослободуваш парите за градинки, училници, возила за брза помош, локални патишта, нови болници“,
кажа тој.
За опозицискиот Социјалдемократски сојуз рече дека е партија која паднала на 125 илјади гласа и додаде дека кога политиката станува себична народот ги затвора вратите.
На завршниот митинг од Скопје, Мицкоски се осврна и на Кичево и кандидатот од редовите на неговата партија. Според него, Кичево се наоѓа пред историска можност да избере градоначалник што ќе ги промовира инклузивноста и соживотот меѓу сите.
Додаде дека овој избор не е прашање на етничка припадност, туку на вредности и посветеност на сите жители на Кичево, со цел градот да стане симбол на единство, прогрес и историска победа за сите.
„Дваесет години градот беше под управување што често ги делеше луѓето по вера, народност или партија“,
вели тој.
Испрати порака до сите кичевчани и Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци да излезат во недела и да гласаат за човекот што ќе биде градоначалник на сите.
„Да се обединиме околу идејата дека Кичево може да биде симбол на соживот, а не на поделби. Кичево да има градоначалник што не прашува чиј си, туку што може да направиме заедно“,
рече Мицкоски на завршниот митинг од Скопје.
