Во обраќањето на Виктор Орбан, кое заедно со обраќањата на лидерите на уште неколку сестрински партии се емитуваше на почетокот на Конгресот, унгарскиот премиер и лидер на партијата Фидес му честита на ВМРО-ДПМНЕ за, како што рече, неверојатните достигнувања во изминатите две години
По долги години опозиција, ВМРО-ДПМНЕ сега стана една од најуспешните политички сили во Европа. Ова е пораката што во видеообраќање од Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ ја испрати премиерот на Унгарија и лидер на унгарската национална конзервативна партија Фидес, Виктор Орбан.

Во обраќањето на Орбан, кое заедно со обраќањата на лидерите на уште неколку сестрински партии на ВМРО-ДПМНЕ се емитуваше на почетокот на Конгресот, унгарскиот премиер им честита на партиските членови и на активистите за, како што рече, неверојатните достигнувања на партијата во изминатите две години.
„Убедлива победа на парламентарните, локалните и претседателските избори. Исто така, ја поставивте вашата татковина на патот на стабилен, предвидлив и безбеден развој. По долги години опозиција, ВМРО-ДПМНЕ сега стана една од, или можеби, најуспешните политички сили во Европа. Нема подобра препорака од самиот успех“,
порача Орбан.
На крајот од обраќањето, тој се заблагодари за можноста да соработува со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а на членството му порача да продолжи да го поддржува со довербата кон него.
„Продолжете по патот на успехот. Ви посакувам многу успех во владините задачи што претстојат. Бог да ги благослови македонските патриоти“,
заклучи Орбан.
Обраќање на Конгресот преку видеоврска имаа и претставници на други сестрински партии на ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот на Хрватска и лидер на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Андреј Пленковиќ, рече дека се радува на унапредувањето на соработката меѓу ХДЗ и ВМРО-ДПМНЕ и меѓу Хрватска и Македонија, додавајќи дека земјава од нив има голема поддршка на патот кон Европската Унија.
Антонио Тајани, потпретседател на Европската народна партија, претседател на Форца Италија и вицепремиер и министер за надворешни на Италија, рече дека Европската народна партија силно ја поддржува земјава на патот кон ЕУ. Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е почитуван член на ЕНП.
Од Конгресот преку видеоврска се обрати и Гунтер Крихбаум, пратеник во Бундестагот од ЦДУ и државен министер за Европа, кој рече дека иднината на Македонија е во Европската Унија.
„Не е толку својствено за една партија да го прослави овој извонреден успех. Кога ќе погледнам наназад, мислам дека овој успех може да се објасни. Она што сакам да го кажам е дека сте блиску до народот, блиску сте до граѓаните, знаете што мислат граѓаните и знаете за нивните потреби и што е потребно за иднината“,
порача Крихбаум.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска во Кавадарци го одржува 18. Конгрес, на кој се очекува реизбор на лидерот Христијан Мицкоски. Конгресот беше отворен со говор на партискиот лидер и со едногласно усвојување на конгресниот документ „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“.
