„Ние ја сакаме Македонија во Европската Унија. Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија токму за тоа се залага. Но не сакаме Македонија без Македонци. Не сакаме членство што ќе го платиме со негирање на сопственото постоење“, изјави денеска на прес-конференција лидерот на ЗНАМ
Македонија се соочува со нов облик на притисок – духовен и национален, оцени лидерот на владиниот партнер Движење ЗНАМ – За Наша Македонија и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

Тој денеска на прес-конференција во партиското седиште во Скопје, го изнесе ставот на ЗНАМ за вчерашното гласање за Извештајот за С Македонија во Европскиот парламент, порачувајќи дека македонскиот идентитет не е предмет на преговори.
Според Димитриевски, вчерашниот ден, кој бил тежок и неправеден поради Извештајот, кој, како што кажа, личи на притисок, е уште еден ден што ќе нè обедини во земјава.
„Не околу политика, туку околу Македонија. Ние ја сакаме Македонија во Европската Унија. Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија токму за тоа се залага. Но не сакаме Македонија без Македонци. Не сакаме членство што ќе го платиме со негирање на сопственото постоење“, рече тој, осврнувајќи се на Извештајот за земјава што беше усвоен во Европскиот парламент вчера, а во кој не беше содржана формулацијата „македонски идентитет и јазик“.
рече тој, осврнувајќи се на Извештајот за земјава што беше усвоен во Европскиот парламент вчера, а во кој не беше содржана формулацијата „македонски идентитет и јазик“.
Лидерот на ЗНАМ ја обвини Бугарија за политика на културна агресија и историско фалсификување, а Европската Унија за толеранција на политиката на реваншизам што доаѓа од Софија.
„Ако ЕУ дозволи еден нејзин член, како што е Бугарија, да ги претвори преговорите во средство за историски реваншизам, тогаш таа дозволува унија во која слабите се жртви, а силните го прекројуваат идентитетот на соседот“,
рече тој.
Надоврзувајќи се на ова, тој рече дека Софија не сака само да се согласиме со нив, туку инсистира да се откажеме од себе.
Говорејќи за спорот со Бугарија, Димитриевски ги критикуваше поранешните власти во земјава, наведувајќи дека, според него, токму од Скопје започнала политиката на отстапки, преку изјавите на поранешниот претседател Стево Пендаровски, потпишувањето на Преспанскиот договор од Зоран Заев, и договорите без консултација со народот од страна на Димитар Ковачевски.
Поранешната владејачка гарнитура предводена од ДУИ, во која, како што кажа Димитриевски, СДСМ бил само приврзок, не била вистинска власт, туку слуга на странски и партнерски интереси.
„Тие не ја претставуваа волјата на граѓаните, туку ја предаваа и распредаваа државата уздуж и попреко. Наместо да се борат за народот, тие работеа за својата власт и профит, игнорирајќи ја потребата за правда, развој и суверенитет. Тоа не беше влада на народот, тоа беше влада на предавство. И за среќа повеќе ги нема“,
рече Димитриевски.
Тој порача дека ЗНАМ стои на браникот на идентитетот, не затоа што тоа е лесно, туку затоа што тоа е исправно. Истакна дека борбата на неговата партија не е против Европа, туку за Европа на рамноправни народи и дека не е против интеграцијата, туку против асимилацијата.
„Ќе изградиме држава во која никој нема да се срами да каже дека е Македонец“,
рече тој.
Димитриевски ги повика сите политички чинители во земјава на национално обединување преку заедничка платформа и декларација, без оглед на минатите грешки. Тој ја посочи „Националната платформа за македонско национално единство“ како основа за тоа обединување, документ кој, според него, бил отфрлен од СДСМ не поради аргументи, туку поради срам.

Одговарајќи на новинарско прашање, во која насока треба да се бара решението за спорот со Бугарија, тој рече дека времињата кога Македонија и македонското прашање биле решавани на релација Софија – Атина – Белград се минато и оти денес земјава своите одлуки ги носи во Скопје.
„Имаме партнери во меѓународната заедница, ќе зборуваме за нашата визија за нашиот став и концепти, ќе ги изнесеме пред нив и ќе бараме разбирање, тоа е всушност улогата на дипломатијата. Од друга страна, на Македонија ѝ е потребно национално обединување како никогаш досега бидејќи доколку имаме елементи коишто од внатре ќе нè бушат, тогаш стануваме послаби. Ние имаме своја држава, свои институции, своја армија, своја полиција и свои граѓани, Македонци и граѓани на Македонија што припаѓаат на сите етнички заедници. Тоа е нашиот столб, а впрочем Македонија е една од главните геостратешки точки на овие простори, и гогами и тоа како имаме и со што имаме да се договараме и да разговараме, и со регионалните, а и со големите светски сили“,
рече Димитриевски.
Прашан дали сè уште го поддржуваат барањето ЕУ да гарантира дека нема да има други условувања ако се направат измените во Уставот, лидерот на ЗНАМ и владин партнер рече дека она што вчера се случило во Европскиот парламент покажува дека веќе не се разговара за уставни измени.
„Она што се случи во Европскиот парламент, да кажам еден етнонационализам, па дури и етношовинизам од поединци претставници кои доаѓаат и од соседна Бугарија, но за жал и од соседна Грција, потврдуваат дека ние веќе не разговараме за промени на Уставот. Јас очекувам испорачување на нови барања од Софија и доколку современа Европа сака да функционира така и да решава билатерални проблеми на одредени држави во рамките на интегративниот процес на една држава како што е Македонија, тогаш нека си ги чува, а ние ќе си го бараме својот пат и своето решение со сопствени сили до таму каде што можеме“,
кажа Димитриевски.