Македонскиот поп-пејач Владо Јаневски го откажа својот настап на Мировниот фестивал, посветен на 21-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор. Денеска на официјалната Фејсбук страница на Владо Јаневски е објавено соопштение дека пејачот нема да настапи на прославата која ќе се одржи на 13 август на плоштадот „Скендербег“ во Скопје.

Вчера, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците најави дека во рамките на одбележувањето на Охридскиот рамковен договор годинава организира „PEACE FESTIVAL“, а првото издание на фестивалот кој се стреми да стане традиционален, ќе се одржи на плоштадот „Скендербег“ во Скопје со настап на познати музички звезди, меѓу кои и Владо Јаневски.
Претходно за истиот фестивал беше најавен настап и на пејачката Антониа Гиговска, но по реакциите и негативните коментари на социјалните мрежи, таа преку порака на „Инстаграм“ порача дека го откажува ангажманот бидејќи, како што вели, не сака да биде дел од каква било манифестација поврзана со политика или со политичките чинители во државата.