Земјава се наоѓа во енергетска кризна состојба речиси еден месец, откако Владата во ноември донесе одлука за тоа во времетраење од 30 дена

Владата ќе достави до Собранието предлог-одлука за продолжување на рокот за постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во наредните шест месеци, односно до 9 јуни 2022 година. Енергетска кризна состојба во земјава беше прогласена во ноември во времетраење од еден месец.
На денешната 123-та седница на Владата, која се одржала преку интернет-комуникациска врска, бил утврден текстот на предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Северна Македонија поради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.
„Предлогот за продолжување на рокот на кризната состојба има за цел да обезбеди континуитет во спроведувањето на мерките и активностите за надминување на состојбата во снабдувањето со електрична енергија“,
се вели во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста.