Барањето за повторување на постапката Рамковски го поднел до Основниот кривичен суд Скопје, од каде за „360 степени“ велат дека веќе е обезбедено мислење од обвинителството и дека случајот е на одлучување пред надлежен кривичен совет
Ноќта на 25 ноември 2010 година полицијата упадна на „Перо Наков“ 60, адресата на која се ноаѓаше А1 телевизија. Првичното објаснување е – асистираат во контрола за финансиски злоупотреби во фирмите на Велија Рамковски, иако во тоа време од денот работат само новинарите.

„Тие беа добро организирани настани од криминално-злосторничката организација која ја направи Груевски“,
смета Рамковски.
Еден месец подоцна Рамковски е приведен, а потоа и речиси целото негово семејство и соработниците.
„Не очекуваваме во ниту еден момент дека ќе се апсат 23 лица. Дека ќе се оди на фамилии, дека ќе се оди на ќерка, на внуци, на син“,
раскажува ќерката на Велија, Емел Рамковска.
Додека МВР и обвинителството го градат случајот „Пајажина“ против 23 управители и основачи на фирми на „Перо Наков“ 60, во јануари 2011 година е блокирана сметката на телевизијата. Новинарите отвораат студио пред Владата. Во јули згаснува фрекфенцијата, а со тоа и најголемата телевизија во земјава.

Неполна година подоцна, на почетокот на 2012 година, паѓа првата пресуда – од вкупно 23 обвинети, 20 се осудени за затајување данок од над 5 милиони евра и други дела.
„Тотално правно силување, правна егзекуција, заради крајната цел, да се затвори ‘А1’“,
вели поранешниот директор на „А1“, Дарко Перушевски.
Семејството Рамковски никогаш не отстапи од тврдењето дека „Пајажина“ е политички монтиран случај за да се замолчи медиумот кој беше гласен критичар на владата на тогашниот премиер Никола Груевски. Но, неодамна почна и формален обид да ја докаже својата вистина.
Зошто Рамковски бара повторување на судската постапка за „Пајажина“
Десет години по случувањата во „А1“ поранешниот сопственик на телевизијата Велија Рамковски бара повторување на постапката. „Перо Наков“ 60 сега изгледа руинирано, но и на него и на ќерка му Емел, не им избледеле сликите од минатото.

„Ех, Емел, два живота да ги живеам не можам да заборавам две слики. Едната кога доаѓав и ги гледав новинарите тукa, секогаш тие беа заедно. Втората слика ми е ужасот со нападот на полицијата“,
ѝ вели Рамковски на својата ќерка Емел.
Причината што „Перо Наков“ 60 сега е руина е предметот со име „Пајажина“. Рамковски и уште 22 други лица кои беа основачи и управители на фирми на истата адреса, беа осомничени за злосторничко здружување со цел измама, перење пари, затајување данок. 20 од нив беа и осудени бидејќи со дејствијата избегнале плаќање на над 5 милиони евра данок.

Еден од дваесетте осудени на кого случувањата во „А1“ засекогаш им го сменија животот е и поранешниот директор на телевизијата, Дарко Перушевски.

„Таква брутална употреба на сила на цел државен врв синхронизиран за да уништи еден медиум, а притоа да настрадаат дваесеттина фамилии е нешто што мислам дека оваа земја не го памети и не треба да се случува во било која демократска земја“
вели Перушевски.
И по една деценија сѐ уште може да се најдат снимките како инспекторите, со помош на полицијата, прават претреси на „Перо Наков“. Објаснувањето беше дека собираат докази за финансискиот криминал за кој се товареа осомничените.

„Сите документи ги зедоа без да направат попис. Сите компјутери ги зедоа без да се запечатат. Според закон, треба да се запечатат и да се отпечатат во присуство на нашите“,
тврди Рамковски.
Тие претреси ќе доведат до тезите на обвинителството за организиран криминал предводено од Гордана Ѓешковска дека осомничените лажно прикажувале извршени услуги, наводни продажби, повеќекратни плаќања на фактури, неовластени позајмици, со цел да избегнат данок или да перат пари.
„Ние бевме помирени дека сме осудени. Само не малтретираа. Нивниот театар што го спроведоа, над 60 рочишта, тоа беше изживување“,
раскажува Рамковски.

„Немавме можност да се браниме, немавме можност да коментираме. Седи не е така, седи не може, седи… Тоа беа реакциите на судијката. Не смееш да се браниш, не можеш да се браниш. И после неколку рочишта сваќаш дека не ти дава право да се браниш и едноставно се повлекуваш на позиција на статист за да гледаш што ти испланирале“,
вели Емел Рамковска.
„Тоа не би го нарекол нефер судење. Тоа беше правно силување, едноставно. Од самиот чекор на определување притвори, од целата конструкција што се направи набрзина за тие три месеци“,
тврди Перушевски.
Според Рамковски, обвинителството во ниту еден момент не извело докази пред судот за делата што им се ставале на товар.
„Ниту еден документ на целото судење не беше оригинален финансиски документ, ниту еден. Сите беа од ексел, сите на компјутер одработени и тоа го презентираа. Немаше фотокопија на документ. Сите документи што ги зедоа ги снема“,
смета Рамковски.
„Тие не знаеја ниту за каков долг зборуваат. Тоа беше некој измислен долг. Не можеа меѓу себе да се договорат ниту за сумата за долгот. Ние тоа во судница го гледавме. Цифрата цело време скокаше, растеше нагоре-надоле, за да се затвори ‘А1’. За да завладеат на начинот на кој планираа да владеат без големата пречка ‘А1’“,
тврди Емел Рамковска.

Вкупно 109 години зад решетки добија 19-темина осудени на затворски казни. Велија Рамковски – 13, по шест брат му Амди и ќерката Емел. Синот Хеди, кој сè уште е во бегство – 7 години. Директорот Дарко Перушевски го осудија на пет и пол години. Еден осомничен доби условна казна, а тројца беа ослободени.
Рамковски: Нашите адвокати во подрумот на Кривичен ги најдоа доказите што се криеле
Рамковски вели дека по излегувањето од Идризово ангажирал нов адвокатски тим и во јануари годинава до судот го доставил барањето за повторување на судењето.

Според Законот за кривична постапка, има шест основи по кои една судска постапка може да се повтори.
360°: Кои се главните аргументи изложени во барањето за повторување на судењето?
„Неизведени материјални докази на судењето, оригинални книговодствени документи, запленети и најдени во судот. Сега, нашиот адвокат влезе со дозвола на судот, во подрумите на судот, најде оригинални документи и тоа е во основата, покрај бомбите, за нашето барање за повторување на процесот. Тој процес немаше документи“,
одговори Рамковски.
„Тврдиме дека тие другите, речиси 90 насто од сето тоа што е одземено, дека е клучно за да се дојде до вистината“,
додава Емел Рамковска.
„Правна основа во барањето е тоа дека буквално се криени докази“,
смета Перушевски.
Рамковска вели дека со барањето за повторување на судењето доставени се и транскрипти од нелегално прислушувани разговори кои се однесуваат на случајот „А1“.
„Меѓу нив се и овие што излегоа во јавноста. Тие како транскрипти во нашето барање до судот фигурираат од 27 јанури оваа година“,
додава таа.
Кривичен размислува дали да го повтори процесот за затворањето на „А1 телевизија“
Барањето за повторување на постапката Рамковски го поднел до Основниот кривичен суд Скопје. Од Судот за „360 степени“ велат дека се постапува по барањето.
„По добивање на барањето, тоа веднаш е доставено на мислење пред надлежното обвинителство. По добивање на мислењето и негово комплетирање, барањето од неодамна се наоѓа на разгледување и постапување пред надлежниот кривичен совет“,
велат Основен кривичен суд Скопје.
Поради ковид-епидемијата Судот им дава предност на итни, неодложни и притворски предмети. Кога кривичниот совет ќе донесе одлука, странките ќе бидат веднаш известени, велат од Кривичен.
„Ама не сакам повеќе да издржувам. Ги сакам правото и правдата. Зар не е вистинска реформа во судството што ја налага Европската Унија баш отворање на случајот со ‘А1’?“,
вели Рамковски.
„Надеж има и верувам затоа што ние не бараме друго туку повторно судење. Не сакаме никој да нѐ прогласи за невини, значи ништо тешко, сакаме само повторно судење“,
вели Перушевски.
„Ако добијам јас повторување на постапката значи дека за одреден број денови Хеди ќе си дојде дома“,
вели Емел Рамковска.