Мандатот на Стево Пендаровски завршува на 12 мај. Истиот ден Гордана Силјановска-Давкова ќе биде инаугурирана во нов шеф на државата, со што ќе започне нејзиниот петгодишен мандат
Потенцијалниот избор на нова влада, пак, можно е да се случи во текот на јуни, иако, во случај уставните рокови да се користат максимално, тоа може да се развлече и до првата половина на јули

Претседателските и парламентарните избори одржани на 8 мај донесоа тектонски политички промени во земјава. Имајќи предвид дека речиси низ цела држава локалната власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, дека нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова вчера победи на претседателските избори и дека Христијан Мицкоски има повеќе од добри шанси да формира влада, во наредните години ВМРО-ДПМНЕ ќе има апсолутна власт.
Кога Гордана Силјановска-Давкова и формално ќе стане претседателка?
Мандатот на актуелниот претседател Стево Пендаровски завршува на 12 мај. Според Изборниот законик, новоизбраниот претседател дава и потпишува свечена изјава пред Собранието најдоцна десет дена од денот на објавување на конечните резултати, но не порано од денот на престанок на мандатот на претходниот претседател.
Таа седница ќе се случи на 12 мај (недела) во 12 часот. Од собраниските служби соопштија дека претседателот на последниот парламентарен состав Јован Митрески ќе ја свика седницата откако Државната изборна комисија ќе достави Извештај за конечните резултати, за што има рок до 10 мај (петок), до 19 часот.
Тоа значи дека веќе викендов Гордана Силјановска-Давкова ќе биде претседателка на Република Северна Македонија.
А кога нова влада?
Конституирањето на новиот парламентарен состав и изборот на нова влада одат побавно.
Според новиот Деловник за работа на Собранието, новоизбраниот собраниски состав се состанува најдоцна 20 дена по одржувањето на изборите. И таа седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, во случајот Јован Митрески. Доколку Митрески поради какви било причини не го направи тоа, тогаш пратениците сами се состануваат 21 ден од денот на завршување на изборите.
Во новиот Деловник има ограничување дека конститутивната седница не може да трае подолго од три дена и дека мора да заврши со избор на претседател на Собранието. Потоа, новоизбраниот претседател на Собранието треба да го извести шефот на државата, во случајот тоа ќе биде Силјановска-Давкова, дека се верификувани мандатите на пратениците.
Бидејќи изборите се одржаа на 8 мај, тоа значи дека конститутивната седница мора да се одржи најдоцна до 29 мај. А може да трае најдоцна до 31 мај.
Мандатот од четири години на новиот собраниски состав почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Оттогаш почнуваат да течат и 10 дена во кои претседателот на државата, во случајот Гордана Силјановска-Давкова, мора да го додели мандатот за состав на Владата на кандидатот на партијата или партии кои имаат мнозинство во Собранието.
Во хипотетички најдолгото сценарио, Христијан Мицкоски би го добил мандатот на 10 јуни.

Мандатарот, пак, потоа има 20 дена за да поднесе програма за работа и предлог за состав на новата влада до Собранието. Тоа значи дека ако Мицкоски успее да состави влада, предлогот до парламентот ќе го достави најдоцна на 30 јуни.
Ако се оствари најдолгото можно сценарио, земјата ќе добие нова влада на почетокот на јули. Сепак, во пракса, можно е сè да се одвива многу побрзо.
По 11-тите по ред парламентарни избори од независноста на државата, по обработени 99,27% од избирачите, распоредот на мандати во 120-членото Собрание изгледа вака: ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ 58 пратеници, „Европски фронт“ предводен од ДУИ 19 пратеници, СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ 18 пратеници, коалицијата „Вреди“ 13, а во Собранието своја пратеничка група ќе имаат и Левица и ЗНАМ, кои освоија по 6 пратеници.