Денеска точно на пладне на плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе се одржи матурската парада, каде што покрај скопските матуранти оваа година ќе учествуваат и нивните врсници од триесетина градови во Словенија, Словачка, Унгарија, Србија, Црна Гора

По пауза од две години поради пандемијата на ковид-19, денеска точно на пладне на плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе се одржи матурската парада.
На парадата ќе учествуваат матуранти од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, СУГС „Панче Арсовски“, СУГС „Браќа Миладиновци“, СУГС „Георги Димитров“, СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“, СУГС „Владо Тасевски“, СУГС „Димитар Влахов“, СУГС „Орце Николов“, СУГС „Лазар Танев“, СУГС „Шаип Јусуф“, СУГС „Јосип Броз Тито“, СУГС „Кочо Рацин“, СУГС „Марија Кири Склодовска“.
Организатор на матурската парада е Дирекција за култура и уметност на Скопје, во соработка со Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“. Покровител на манифестацијата е Градот Скопје.
Покрај скопските матуранти, оваа година на матурската парада ќе учествуваат и нивните врсници од триесетина градови во Словенија, Словачка, Унгарија, Србија, Црна Гора.
Во изминатите години учесниците од стотина градови од Македонија, Словенија, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Бугарија, Албанија, Украина, Унгарија и Австрија во седум наврати поставуваа Гинисови рекорди во истовремено синхронизирано играње на ист танц – кадрил. Вкупниот број на учесници на матурската парада во изминатите години во сите градови учесници ја надминува бројката од 500 000 матуранти.