Скопското јавно обвинителство поднесе обвинение против едно лице по два члена од Кривичниот законик за „Тешки дела против здравјето на луѓето“, поради смртта на родилката Дебора Ќерими-Џамбази на 18 јануари 2018 година во приватната болница „Санте плус“. Според соопштението од истражниот орган, 31 годишната трудница починала поради грешна интубација од страна на анестезиологот што трајно го оштетило и здравјето на бебето.
„Тој се приклучил на оперативниот тим во кој биле двајца лекари специјалисти – гинеколози кои на 18.01.2018 година вршеле хируршки зафат – царски рез врз сега починатата родилка. Обвинетиот започнал со воведување на пациентката во општа анестезија, но ендотрахеалниот тубус наместо во дишните патишта, првично го поставил во луменот на хранопроводникот што предизвикало недостаток на кислород во организмот од тежок степен и трајни оштетувања на витално важни органи. Од тие причини, кај родилката настапил смртен исход, а кај нејзиното новороденче биле предизвикани трајни и значителни оштетувања на мозочното ткиво“,
велат од ОЈО Скопје.
Од ОЈО дополнуваат дека не нашле елементи за кривична одговорност кај останатиот персонал или болницата. Но, од обезбедените докази, поведени се прекрочни постапки против две правни лица, одговорните лица во тие правни лица и како и против двајца други здравствени работници-доктори. Причината е што анестезиологот, кој сега е и формално обвинет, бил вработен во државното здравство и не ги исполнувал условите за да работи и во приватната болница „Санте плус“.
„Спротивно на Законот за здравствена заштита, обвинетиот вработен на Универзитетската клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување, склучил Договор за дело со приватна здравствена установа, со кој се обврзал да ги извршува работите на работно место доктор-анестезиолог во периодот од 16.01-28.01.2018 година. Притоа, тој го склучил договорот без да го поседува потребното работно искуство во специјалноста над две години и без да постои договор меѓу клиниката во која работел и приватната болница. Во исто време, приватната здравствена установа била надвор од мрежата и согласно Законот за здравствена заштита немала право да ангажира здравствени работници за вршење дополнителна дејност“,
велат од ОЈО Скопје.
Починатата Дебора Ќерими-Џамбази и самата беше докторка, инаку стоматолог. Потекнува од семејство на доктори. Тие за прв пат реагираа на спората истрага во јули минатата година, преку порталот НОВА ТВ.
Се пожалија дека за цело време чекале институциите да си ја завршат својата работа, а по шокот од загубата на Дебора, енергијата ја насочиле кон бебето борејќи се за неговиот живот. Малиот Лисандер, поминал 3 месеци во болница во Турција а потоа уште толку во болница во Австрија, но се уште е во тешка состојба.
„За него треба да се грижат две стручно обучени лица во текот на денот. Но, тоа го правиме ние, во смени. Освен што сме физички преуморени бидејќи мора да се грижиме околу Лисандер и да заработуваме за живот, месечните трошоци за специјална храна која ја набавуваме од Австрија, филтри за трахеостоми и се останато, изнесуваат повеќе од 1000 евра“,
изјави за НОВА ТВ Муса Џамбази, татко на малиот Лисандер.
Семејството на починатата родилка, кое одлично ги познава медицинските протоколи и процедури, бараа одговорност не само од анестезиологот. Според нив, додека анестезиологот ја реанимирал, гинеколозите требале да реагираат веднаш и да пристапат кон спасување на животот на бебето, а не да чекаат да биде донесена конзилијарна одлука.