Според локалните власти, полицијата формално не интервенирала, туку ги проверувала и им пишувала казни на присутните на заминување
Во четвртокот вечерта, жандармите се обидоа да спречат забавата да се одржи, но се судрија со учесниците
Француската полиција во акција која траеше два дена, конечно ја растури „дивата“ новогодишна техно- журка во близина на градот Рен, која започна во четвртокот навечер, а заврши изутринава откако беше демонтирано озвучувањето.

Околу 2 500 луѓе од цела Франција, но и од странство, се собраа во близината на Рен и покрај забраната за јавни собири и прослави.
Според локалните власти, полицијата формално не интервенирала, туку ги проверувала и им пишувала казни на присутните на заминување. Вкупно се казнети околу 1 250 лица, за непочитување на полицискиот час, неносење маска и незаконско групирање.

Полицијата ги проверувала сите кои го напуштале местото на забавата, пеш или со автомобил.
Во четвртокот вечерта, жандармите се обидоа да спречат забавата да се одржи, но се судрија со учесниците, при што беше запалено е едно жандармериско возило.
Во меѓувреме, отворена е истрага за „незаконско организирање на собир“, „насилство врз службени лица“, „оштетување на имот на трето лице во група“, „незаконско точење на алкохол“ и „употреба на наркотични дроги“.

Франција воведе рестрикции во пресрет на новогодишната ноќ, вклучително и полициски час од 20 до 06 часот.
Повеќе од 100 000 полицајци беа распоредени низ целата земја за разбивање забави и спроведување на полицискиот час.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи во текот на новогодишната ноќ низ цела Франција имало 660 апсења, а биле напишани 6 600 казни за непочитување на полицискиот час, при 45 400 контроли.
Франција од почетокот на пандемијата регистрира повеќе од 2,6 милиони случаи на коронавирус и 64 892 смртни случаи.