Пациентката останала бремена со ин витро третман извршен во земјава со сопствена јајце-клетка која била криопрезервирана, односно замрзната. Целата бременост ѝ била следена во државава, а породувањето било извршено со царски рез во 36. гестациска недела
За самиот случај, директорката на ГАК рече дека е прв кај нас, но не и во регионот. Во Србија имало пациентка која на 62 години станала мајка, а според „Лансет журнал“, еден од најреномираните стручни медицински списанија во светот имало и случај каде жена спонтано останала бремена на 61-годишна возраст
Бебето Петар, кое на свет го донесе 61-годишна пациентка на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје, покажува дека во светот на медицината не постојат граници и дека медицината во Македонија може да се мери со онаа во светски рамки.

Вака денеска, по несекојдневниот случај во кој земјава ја доби највозрасната прворотка, директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиоска-Папастиев, ја почна својата прес-конференција на која сподели информации за пациентката, освен нејзиното име, бидејќи, како што рече, таа инсистирала на анонимност. Единствено дозволила да го кажат името на бебето.
Пациентката која е од Скопје останала бремена со ин витро третман извршен во земјава со сопствена јајце-клетка која била криопрезервирана, односно замрзната. Целата бременост ѝ била следена во државава, а породувањето било извршено со царски рез во 36. гестациска недела.
Петар е роден со тежина од два килограми и 350 грама и должина од 48 сантиметри.
Операцијата, односно породувањето, како што информираше Алексиоска-Папастиев, поминало уредно и денеска мајката и бебето во одлична општа состојба биле испратени дома од Клиниката.
Директорката на ГАК кажа и дека пациентката била 37 години во брак и во целиот тој период се трудела да остане бремена. Кажа дека имала тешко гинеколошко и акушерско минато, со 10 инвитра зад себе и 10 спонтани абортуси. Имала и три претходни интервенции од кои две во Белград и една на Клиниката во Скопје.
„Во тек на бременост којашто била контролирана имала висок притисок и шеќерна болест, меѓутоа остатокот од бременоста била уредна. Дојде со малку покачен висок притисок, но откако успеавме да го стабилизираме одлучивме пациентката да ја завршиме со царски рез. И она што сакам да кажам е дека овие родители не потклекнале на неуспесите, не потклекнале на притисоците од околината и на стереотипите и предрасудите со коишто живееме. Затоа на Петар и на неговите родители им посакувам да имаат многу прекрасни моменти и уште долго да уживаат во прекрасни семејни моменти“,
рече Алексиоска-Папастиев.

Одговарајќи на новинарски прашања, директорката на ГАК сподели дека за цело време додека била на Клиниката, пациентката била добро расположена и имала добра комуникација.
Во однос на јајце-клетките, кажа дека дека немаат точен податок колку време биле замразнати, но рече оти претпоставува дека тоа било пред повеќе од 30 години. За нејзиниот сопруг рече дека е на 65-годишна возраст и дека само што отишол во пензија.
„Па таа 37 години е во брак, а веќе од пред 32 години, претпоставувам, немавме точен податок, но претпоставувам дека над 30 години јајце-клетките се криопрезервирани. Нејзиниот сопруг е шеесет и петгодишен, само што отишол во пензија и кажа дека нема да има проблем кој да го чува детето. Кај мажите нема потреба од криопрезервација, се гледа спермограмот, квалитетот на спермата и може додека има квалитетен спермограм истиот да учествува во ин витро фертилизацијата или во потпомогнатите биолошки оплодувања“,
рече директорката на ГАК.
Ин витрото, како што кажа, било направено во приватна здравствена установа, а бременоста била следена исто така во приватна ординација.
„Првпат кај нас се јави на Гинеколошко-акушерската клиника каде што претходно беше испратена од Специјална болница во Чаир затоа што тие сметале дека посоодветно е да се породи на терциерно ниво и затоа беше испратена на нашата клиника“,
рече Алексиоска-Папастиев.
Директорката, одговарајќи на новинарско прашање, потврди дека од пред скоро време ин витро оплодувања повторно почнале да се прават на Клиниката за гинекологија и акушерство, по три и полгодишна пауза
„После короната имаше период од три и пол години кога не се правеше ин витро фертилизација на нашата Клиника, меѓутоа од минатиот месец започнато е повторно со ин витро фертилизацијата и пациентките апсолутно можат да добијат соодветен ин витро третман и во нашата институција“,
рече таа.

За самиот случај, директорката на ГАК рече дека е прв кај нас, но не и во регионот. Во Србија имало пациентка која на 62 години станала мајка, а според „Лансет журнал“, еден од најреномираните стручни медицински списанија во светот имало и случај каде што жена спонтано останала бремена на 61-годишна возраст.
„Во Индија има и на 71-годишна возраст со потпомогнато раѓање, значи има повеќе. Ретки се шансите. Нормално со зголемување на возраста се намалува шансата за спонтано останување на бремени пациентки затоа што ние како женски организам уште додека сме во утробата на своите мајки ни се создаваат јајце-клетки и како одминува возраста така квалитетот на јајце клетките се намалува. Меѓутоа она што сакам да истакнам е дека во денешно време се зголемува одлучувањето границата за раѓање на деца и затоа постојат методи со коишто жената е во можност да ја замрзне јајце клетката, односно да направи криопрезервација со тоа што со асистираната репродуктивна технологија истата понатаму може да ја искористи кога самата ќе одлучи да ја изврши својата репродуктивна функција“,
кажа на Алексиоска-Папастиев на денешната прес-конференција свикана по повод првата 61-годишна родилка во земјава.