Вчерашниот натпревар во Скопје го следеа претседателот на Собранието Африм Гаши и вицепремиерот Изет Меџити
Претходно, владина делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски следеше кошаркарски меч во Куманово, на кој имаше антиалбански скандирања – чин што предизвика жестоки реакции и по кој обвинителството и полицијата постапуваат
„Илирида“ беше еден од зборовите кои ги скандираше публиката синоќа на Националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје, во текот на мечот меѓу Шкендија и Карабах.
За оние помалку упатените, Илирида е името на политички концепт на дел од Албанците во Македонија кој подразбира формирање независна република на територијата на западниот дел од земјата. Разбирливо, државата на концептот гледа како на иредентистички, сецесионистички и како на обид да се поттикне меѓуетничка нетрпеливост.
Извикувањето „Илирида“ најдобро може да се слушне почнувајќи од 59. минутата на натпреварот. Од снимката не се гледа, но од тонот се чини дека навивачите на Шкендија го почнуваат скандирањето, а остатокот од стадионот ги повторува зборовите. Видеото подолу е краток исечок од тој дел од натпреварот, што го објавија спортските медиуми.
Дел од медиумите објавија дека се скандирало и „Голема Албанија“.
Натпреварот го следеа и претседателот на Собранието Африм Гаши и вицепремиерот Изет Меџити.
Меџити, но и многубројни други јавни личности пред мечот ги повика фановите на достоинствено навивање бидејќи атмосферата веќе беше зовриена откако неколку дена претходно навивачи извикуваа антиалбански слогани на кошаркарски натпревар во Куманово.
По завршувањето на натпреварот, спикерот Гаши им честита на навивачите дека однесувањето на трибините било достоинствено.
Скандирањата доаѓаат и покрај најавите на полицијата дека ригорозно ќе ги казнува сите што ќе се служат со навреди на трибините на база на национална, верска или етничка припадност, откако веќе се случи инцидент во Куманово.
За потсетување на Илинден, на мечот меѓу кошаркарските репрезентации на Македонија и на Романија, од трибините во Куманово се слушаа антиалбански скандирања, додека натпреварот го следеше и владина делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски подоцна го осуди ваквото однесување на трибините, но кажа дека за време на мечот воопшто не го забележал тоа.
Настанот го осуди цел државен врв, како и партиите од власта и опозицијата, кумановското обвинителство поведе постапка, а полицијата веќе уапси едно лице што се обидело да внесе транспарент со навредлива содржина.
Инаку, претходно ФФМ во април ја казни Шкендија со играње на пет натпревари дома без присуство на публика поради непочитување на минута молк за Кочани во рамки на натпреварот ФК Шкендија – ФК Брера.
Шкендија го загуби вчерашниот натпреварот од Карабах со 0:1.