Ваквиот чекор следува откако Русија донесе законски измени според кои објавувањето на вести, кои руските власти ги сметаат за „лажни“ би можело да биде казнето со дури 15 години затвор

Американските ТВ мрежа Си-ен-ен и агенцијата Блумберг Њуз ја прекинуваат работата во Русија откако претседателот Владимир Путин потпиша декрет за новите законски измени со кои луѓето можат да бидат осудени на 15 години затвор доколку шират „лажни вести“ за руските вооружени сили.
Информацијата ја објави портпаролот на телевизијата, велејќи дека ќе продолжат да ја проценуваат ситуацијата и нивните следни чекори.
Портпарол на Си-ен-ен истакна дека „медиумот ќе престане да емитува програма во Русија. Ние продолжуваме да ја проценуваме ситуацијата и нашите следни чекори“.
Објаснувајќи ја својата одлука, од Блумберг Њуз рекоа дека новиот чекор на руските власти значи дека секој независен репортер ќе биде претворен во криминалец.
„Со големо жалење решивме привремено да го прекинеме нашето собирање вести во Русија. Промената во Кривичниот закон, која се чини дека е спроведена за да го претвори секој независен известувач во криминалец, го оневозможува функционирањето на нормално новинарство во земјата“,
изјави вечерва главниот уредник на Блумберг, Џон Миклетвејт.
Претходно, ваква одлука донесе и британскиот јавен сервис Би-би-си кој реши да ги повлече своите новинари од Русија.
Измените на Кривичниот закон во Русија денеска беа донесени од рускиот парламент, а попладнево беа потпишани и од страна на претседателот. Тие се однесуваат на тоа дека авторите и дистрибутерите на дезинформации за дејствијата на руските вооружени сили можат да добијат затворска казна до три години. Доколку лажната вест се шири како дел од „организирана група“ или е придружена со фалсификување докази, максималната казна се зголемува на 10 години затвор. Доколку, пак, ширењето на лажни информации предизвика сериозни последици, сторителите ќе добијат казна затвор до 15 години.