„Сè повеќе и повеќе може да зборуваме за геноцид“, рече Трудо, а во меѓувреме и поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, исто така, ја оцени руската инвазија на Украина како „геноцид“
Канадскиот премиер Џастин Трудо првпат го употреби терминот „геноцид“ опишувајќи ги случувањата во Украина, откако претходно тоа го стори и американскиот претседател Џо Бајден.
„Сè повеќе и повеќе може да зборуваме за геноцид“,
одговори Трудо прашан како ги коментира изјавите на претседателот на САД.
Тој додаде и дека се гледа желбата да се напаѓаат цивили и сексуалното насилство да се користи како оружје.
„Тоа е целосно неприфатливо“,
истакна премиерот.
Канадскиот премиер потсети оти неговата земја има испратено истражители во Украина и оти е една од првите држави што го иницираше судскиот процес пред Меѓународниот кривичен суд, со цел да се осигури дека рускиот претседател Владимир Путин ќе одговара за своите воени злосторства.
Во меѓувреме, и поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, ја оцени руската инвазија на Украина како „геноцид“.
Во изјава за Фокс њуз, Трамп во го критикуваше Бајден поради неговата политика, за која оцени дека довела до рекордно ниво висока инфлација и додаде:
„А, сега додадете го тоа што се случува во Украина. Тоа е геноцид.“
Неговиот став следува откако Бајден во вторникот го обвини рускиот претседател Владимир Путин оти врши „геноцид“ во Украина. Досега тој збор го користеше само украинскиот претседател Володимир Зеленски.
По изјавата на Бајден, Зеленски ги поздрави „вистинските зборови на вистинскиот лидер“, затоа што, како што рече, „да се нарекуваат работите со нивните вистински имиња, е клучно за спротивставување на злото“.
Кремљ, пак, соопшти дека е неприфатливо тоа што Бајден користи такви зборови за рускиот претседател.