Четврти викенд по ред во Белорусија се одржуваат протести против реизборот на претседателот Александар Лукашенко. Студентите денеска организираа собири на неколку места во главниот град Минск. Едно од местата било и кај Филолошкиот факултет каде го изразиле револтот за приведувањето на демонстранти на вчерашниот протест, токму кај зградата на факултетот.
Носејќи црвено-бели знамиња, кои долго беа симбол на противниците на владеењето на Лукашенко, студентите организираа демонстрации и на уште неколку места во главниот град, а 30, според извештаите во медиумите, и денеска биле приведени.
„Ројтерс“ пренесува и информација дека маскирани мажи влечеле студенти од ресторан во центарот на Минск и ги приведувале.

Илјадници жени, пак, подоцна во текот на денот излегоа на марш низ главниот град извикувајќи „рацете подалеку од децата“.
Искажувањето на револтот од реизборот на Лукашенко започна по изборите на 9 август. Според податоците на Централната изборна комисија, тој победи на изборите со освоени 80,08 отсто од гласовите, а неговата противкандидатка Светлана Тихановска заврши на второ место.
Уште истата вечер, незадоволни граѓани излегоа на улиците, а од тогаш според информациите кои се објавуваат во медиумите се приведени околу седум илјади демонстранци. Изборните резултати и односот на власта кон демонстрантите ги осудија и голем дел од европските држави и САД.
За случувањата во Белорусија неделава се огласија и од Обединетите нации (ОН). Експерти за човекови права на ОН соопштија за 450 случаи на тортура и сурово постапување во Белорусија од страна на безбедносните служби за време на протестите.