Средбите на дипломатските претставници со новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија следуваат по неодамнешната пресуда на Основниот граѓански суд Скопје за случајот „Фероинвест против ИРЛ“ со која се спори статусот на новинарите во ИРЛ и се тврди дека ИРЛ не е медиум
Евроамбасадорот Дејвид Гир вчеравечер беше во посета на редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), објави Делегацијата на Европската Унија во земјава на своите социјални медиуми.
За време на средбата со новинарите на ИРЛ, Гир истакнал дека клучна улога во демократијата игра токму истражувачкото новинарство, а оти со утврдување на фактите, новинарите помагаат да се обезбеди јавна одговорност и да се промовираат поинформирани и транспарентни општества.
„ИРЛ е основан поради потребата од независна платформа каде што новинарите и креативните професионалци ќе можат да се изразат слободно и да известуваат за важните општествени проблеми без надворешните притисоци. Тимот на ИРЛ е препознатлив по женското лидерство, инвестициите во млади лидери и иновативните медиумски продукти“,
се посочува во објавата на Делегацијата на ЕУ.
Минатата недела новинарите на ИРЛ остварија средба со американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер. Таа ги пречека во просториите на Амбасадата на САД во Скопје и им оддаде признание за нивната истражувачка работа.
Средбите на дипломатските претставници со новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија следуваат по неодамнешната пресуда на Основниот граѓански суд Скопје за случајот „Фероинвест против ИРЛ“ со која се спори статусот на новинарите во ИРЛ и се тврди дека ИРЛ не е медиум. Според пресудата, ИРЛ и главната уредничка Сашка Цветковска се одговорни за клевета, со изнесување невистинити факти во првата епизода од истражувањето „Заговор против воздухот“ емитувана на 16 мај 2021 година на МРТ.
Пресудата на судијката Јованка Спировска-Панева од Граѓанскиот суд беше главен повод за минатонеделниот протест од кој новинарите и новинарските здруженија најавија дека ќе бараат поголемо разбирање, сериозност и внимателност во постапките и тужбите против новинарите и медиумските работници.