Ова вчера го соопшти извршниот директор на „Хеленик енерџи“, Андреас Сиамисис, а извори од грчката компанија потврдуваат дека нафтоводот почнал со работа. Веќе била испорачана првата пратка, а според наводите, во следниот период ќе се испорача и втората
По 13 години неактивност, на последниот ден од минатата година профункционира нафтоводот Солун-Скопје.

Ова вчера го соопшти извршниот директор на „Хеленик енерџи“, Андреас Сиамисис, а извори од грчката компанија за дописничката на МИА од Атина потврдуваат дека нафтоводот почнал со работа.
Веќе била испорачана првата пратка, а според информациите, во следниот период ќе се испорача и втората.
Директорот на „Хеленик енерџи“ порача дека работењето на нафтоводот ги олеснува извозите не само кон Северна Македонија, туку и кон соседните пазари во Косово, Србија и Бугарија, со што се зајакнува геополитичкиот отпечаток на земјата во регионот. Дополнително, како што вели, се намалува сообраќајниот метеж и оптоварувањето на животната средина во Солун поради сообраќајот на цистерни преку кои се вршеше снабдувањето во периодот кога работата на нафтоводот беше прекината.
Во интервју за грчкиот „Катимерини“ пред две години, Сиамисис рече дека нафтоводот годишно може да пренесува 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати – дизел, керозин и бензин.
Нафтоводот беше неактивен од 2013 година, а од 2020 година се интензивираа напорите за негово реактивирање.
