Хрватскиот премиер додаде дека досега не е добиено формално објаснување од официјален Белград за протерувањето на првиот секретар на хрватската амбасада во Србија, Хрвоје Шнајдер
Хрватска реагираше соодветно и согласно принципот на реципроцитет и прогласи еден српски дипломат за непожелен, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ откако пред неколку дена хрватски дипломат беше прогласен за персона нон грата во Србија.
„Без разјаснување какви било детали, веднаш реагиравме по принципот на реципроцитет и ја известивме Амбасадата на Србија дека прогласуваме еден дипломат за непожелен. Реагиравме на единствениот можен начин во вакви ситуации“,
изјави денеска хрватскиот премиер.
За персона нон грата Загреб го прогласи Петар Новаковиќ, советник во српската амбасада во Хрватска.

Пленковиќ додаде дека досега не е добиено формално објаснување од официјален Белград за протерувањето на првиот секретар на хрватската амбасада во Србија, Хрвоје Шнајдер.
„Без разлика на предизборната атмосфера во Србија, сметаме дека ваквите потези не придонесуваат за воспоставување доверба или соработка меѓу двете земји и затоа реагираме на акцијата што дојде од Србија“,
рече Пленковиќ.
Српското Министерство за надворешни работи во понеделникот објави дека протераниот хрватски дипломат грубо отстапил од дипломатските норми и го прекрши членот 9 од Виенската конвенција, со кој се уредуваат дипломатско-конзуларните односи.