Хрватска очекува до крајот на годината да се одржи првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ заради отворање на преговорите, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на денешната средба во Загреб со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Според Пленковиќ, Хрватска е подготвена да продолжи да помага во реформите и исполнувањето на потребните услови за членство во Унијата.
„Хрватска цврсто ја поддржува Северна Македонија како држава – кандидатка за членство во ЕУ и очекува дека брзо ќе почне процесот за отворање на преговорите. Хрватска очекува дека до крајот на годината, за време на германското претседателство со ЕУ, ќе биде свикана Меѓувладината конференција заради отворање на преговорите“,
истакна Пленковиќ.
На средбата Пленковиќ-Османи била констатирана и добрата економска соработка меѓу двете земји и е најавено дека наскоро ќе се одржи деловен форум за дополнително да се поттикнат економските односи.
„Му благодарам на премиерот Андреј Пленковиќ за конструктивната средба на почетокот на мојата посета на Хрватска. Во исто време, благодарност за вонредната посветеност за време на хрватското претседателство со Советот на Европската Унија, кога беше постигнат консензус за почеток на адаптирање на преговорите. Ова е уште една потврда дека Хрватска е наш искрен пријател и поддржувач. И на крајот, особено го цениме фактот дека Хрватска во текот на изминатиот период веруваше многу во Република Северна Македонија, како важен дел во создавањето и зачувувањето на стабилноста во регионот“,
напиша Османи на Фејсбук.
Шефот на македонската дипломатија денеска, во рамки на работната посета на Хрватска, се сретна и со својот колега, министерот за надворешни работи на Хрватска, Горан Грлиќ Радман.
Посетата на Хрватска следува по Словенија, каде што Османи вчера имаше средби со државното раководство од кое, исто така, добил силна поддршка за македонскиот евроинтеграциски процеси и очекување за одржување на меѓувладината конференција до крајот на годината.