Во барањето за интерпелација поднесено од Левица се наведува дека спикерот Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално и згора на сѐ противзаконски неуставно и неделовнички
Интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши која ја поднесоа пратениците на Левица, е ставена на дневен ред на 13. пленарна седница закажана за 3 септември.
Интерпелацијата е заснована на седум точки, образложени на десет страници. Во барањето за интерпелација се наведува дека спикерот Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално и згора на сѐ противзаконски неуставно и неделовнички. Според Левица, Гаши ја повредил секуларноста на државата кога на собраниска седница за одбележување на геноцидот во Сребреница заедно со други присутни извел групна верска молитва.
Како втора причина за барање одговорност од собранискиот спикер, пратениците на Левица го наведуваат инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром. Според Левица, Гаши како претседател на Законодавниот дом направил и повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја даде како веќе избран претседател прво ја дал на албански, а не на македонски јазик. Тие сметаат и дека спикерот го злоупотребил Законот за државни симболи затоа што во салата во која се одржуваат пленарните седници на Собранието се поставени и симболи на НАТО и на Европската Унија.
Пратениците на Левица бараат смена на Гаши и поради тоа што не ставил на дневен ред точка за констатирање на престанок на пратеничката функција на Талат Џафери кој во исто време сѐ уште ја извршуваше функцијата технички премиер.
Тие наведуваат и дека при посетата на Гаши на Вашингтон за време на Самитот на НАТО со него патувала и неговата сопруга.
Од Левица сметаат дека претседателот на парламентот не го почитува Деловникот затоа што седниците траат до доцна во ноќта, редовните координации меѓу партиите се случуваат „проформа“, а не ги почитувал и роковите за закажување седници.
Итна смена на Гаши по инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка во кој учествуваше неговиот шеф на обезбедување кој доби кривична пријава и отстранување од работното место, побараа и од СДСМ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека не е потребна смена на собранискиот спикер, а обвинувањата од опозицијата ги оценуваат како обиди „да се ќарат политички поени“. Интерпелацијата за Гаши, според „Вреди“ е обид да се предизвика политички земјотрес и да се стави на тест владиното мнозинство.