Одбраната на обвинетиот Јордан Камчев, на денешното рочиште на кое се презентираа материјални докази, приговараше на договор за пренос на удел меѓу фирмите „Сиран“ и „Орка“, за кој рече дека е прибавен на незаконит начин
Судењето за случајот ,,Плацови на Водно” денеска продолжи со изведување материјални докази од страна на Обвинителството. При презентацијата, обвинителката Лиле Стефанова изведе разни докази од наредби за претрес одобрени од Кривичниот суд Скопје и записници од привремени одземени предмети.
Одбраната на обвинетиот Јордан Камчев во овој случај приговараше на изведувањето како доказ на договор за пренос на удел меѓу фирмите „Сиран“ и „Орка“.
„Доказите се прибавени на незаконит начин. Овој доказ не може да се третира од причина што недостасува потпис, печат и штембил на другата договорна страна“,
истакна еден од адвокатите.
По изведување на материјалните докази изминативе неколку рочишта, судењето за овој предмет влегува во фаза на презентација на вербални докази, односно сослушување сведоци. Според најавите на Обвинителството, против обвинетите ќе сведочат десетина сведоци.

На минатото рочиште, беше одбиено барањето на одбраната на Камчев за изземање на обвинителката Лиле Стефанова, кое, како што објасни адвокатот Еленко Миланов, е врз основа на поднесена кривична пријава во однос на застапникот на обвинението. Пријавата се однесува на постоење на основано сомнение за кривично дело несовесно работење во службата како и поднесување лажни докази.
Покрај Јордан Камчев, во „Плацови на Водно“ на обвинителна клупа седат и неговата мајка, Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ. Првообвинет е експремиерот Никола Груевски, кој избега во Будимпешта и нему му се суди во отсуство.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски. За сиот имот што е опфатен со обвинението обвинителството бараше и конфискација, а според сумите кои ги објави обвинителство за кои биле купени или колку се проценети парцелите и становите, нивната вкупна вредност е околу 1,5 милиони евра. Во шемата на купување, според она што го соопшти обвинителството со поднесување на обвинителниот акт, вмешани се фирми со кои се поврзуваат дел од обвинетите, меѓу кои и офшор-компанија.
Груевски е обвинет за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Камчев, неговата мајка, како и Новачевски и Јосифовиќ се товарат за перење пари, додека Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.