Зголемување на платите, додаваат оттаму, треба да се направи и во здравството, но и во другите сектори каде што вработените земаат плати кои се нешто над минималната плата во земјава
Платите во образованието да се усогласат со Колективниот договор, сè друго е замачкување очи, реагираа ВМРО-ДПМНЕ откако вчера Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК) најави генерален штрајк во училиштата и градинките од 11 април бидејќи претходно не успеа се договори со Владата за усогласување на платите во образовниот сектор.
„Со усогласување на платите со Колективниот договор во образованието, платите на наставниците, професорите и останатите во образованието треба да бидат до 45 илјади денари бидејќи е нелогично асистент на факултет да има плата од 23 илјади денари, што е само нешто над минималната, а истиот тој човек инвестирал во своето образование и е магистер и со запишан докторат“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Зголемување на платите, додаваат оттаму, треба да се направи и во здравството, но и во другите сектори каде што вработените земаат плати кои се нешто над минималната плата во земјава.
„Сите граѓаните го чувствуваат по својот џеб каков драстичен пад на стандардот се случува и неправедно е некои од нив да не го добијат покачувањето на платите кое го заслужуваат. Во услови кога основните животни продукти поскапеа за над 30%, а горивата за 70%, во услови кога се зголемија сметките за струја и сите трошоци за живот, сите граѓани заслужуваат да земаат повисоки плати согласно сложеноста на работните места и обврски“,
истакнуваат во соопштението ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера претставници на Владата и на Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК) одржаа средба со цел да изнајдат договор за усогласување на платите во образовниот сектор, но не постигнаа договор. Барањето од СОНК беше зголемување на платите во образованието за 18,5 отсто.
Одговорот од Владата беше дека сме во економска криза, кризата со Украина и слично, но нашите плати, во просек од 25 000 денари не стигаат за задоволување на основните месечни потреби“,
изјави Јаким Неделеков, претседател на СОНК, по вчерашниот состанок со Владата.
„Во дејноста детска заштита, во градинките имаме 10 различни работни места со 10 различни бода за вреднување на работно место сега ќе земаат иста плата – тоа е непочитување на закон и колективен договор“,
додаде Неделков.
По средбата со СОНК од Владата посочија оти ќе продолжи континуираниот дијалог, сè додека не се најде конечно решение за зголемување на вработените во образовниот сектор.