Како одговорни за неодземањето на лиценцата за работа на Асани, од Платформата ги посочуваат Судот и Лекарската комора, за кои велат оти застанале во одбрана на нелегалната здравствена пракса во земјава
Незадоволни од пресудата на струшкиот суд, од Платформата бараат, доколку биде поднесена жалба за пресудата, а предметот се даде на решавање на Второстепениот суд, тогаш тој задолжително да изрече дополнителна казна според која, како што велат, на гинекологот Асани би му се забранило да ја врши дејноста во најдолгото времетраење предвидено во Кривичниот законик
Платформата за родова еднаквост, во која членуваат речиси 30 здруженија и организации, изрази незадоволство во врска со пресудата за гинекологот Мухамед Асани, кој во својата нелегална ординација во својот дом давал здравствени услуги. Основниот суд во Струга на Асани му одреди условна казна од две години. Ваквата пресуда на Судот, додаваат оттаму, покажува дека здравјето на жените во земјава не вреди ни пет пари.
Она што според Платформата е дополнително фрапантно, е тоа што со пресудата на Асани не му се забранува да ја врши својата професионална дејност, иако таа можност, како што велат, е предвидена со Кривичниот законик.
Одговорни за неодземањето на лиценцата за работа на Асани, од Платформата ги посочуваат Судот и Лекарската комора, за кои велат оти застанале во одбрана на нелегалната здравствена пракса во земјава.
„Со голем револт констатираме дека на ваков начин и Судот и Лекарската комора застануваат во одбрана на нелегалната здравствена пракса во земјава. Условувајќи го казнувањето на нелегалното работење со чекање да се случи дополнително кривично дело, тие не само што ја одржуваат културата на неказнивност туку и недвосмислено ја поддржуваат системската негрижа за здравјето на жените – наместо лавовски да се борат против неа“,
се вели во реакцијата на Платформата за родова еднаквост.
Незадоволни од пресудата на Струшкиот суд, од Платформата бараат, доколку биде поднесена жалба за пресудата, а предметот се даде на решавање на Второстепениот суд, тогаш тој задолжително да изрече дополнителна казна според која, како што велат, на гинекологот Асани би му се забранило да ја врши дејноста во најдолгото времетраење предвидено во Кривичниот законик.
„Доколку вака донесената првостепена пресуда е конечна, во постапката во која гинекологот Мухамед Асани се товари поради тоа што при царскиот рез на Јилдз Веапоска ѝ извадил три органи, а чие следно рочиште е закажано за 10 март, покрај главната казна, задолжително да биде изречена и споредна казна забрана за вршење на професија, дејност или должност“,
бараат од Платформата.
Воедно, од Основното јавно обвинителство (ОЈО) бараат да поднесе жалба и да побара построга казна за Асани, а од Лекарската комора бараат да му ја одземе лиценцата за работа на гинекологот.
Од Министерството за здравство и надлежните инспекторати, пак, побараа итно да излезат на терен и да се вклучат во откривање и стопирање на ваквите нелегални ординации.
„Здравјето на жените мора да биде врвен приоритет за сите институции и за Лекарската комора. Затоа, случаи на нелегални ординации кои се потенцијални ‘касапници’ не смеат да се повторат во иднина!“,
апелираат од Платформата за родова еднаквост.
Основниот суд Струга вчера изрече условна казна затвор за гинекологот Мухамед Асани кој во нелегална гинеколошка ординација во својата куќа давал здравствени услуги. Една од пациентките на Асани беше и родилката Јилдз Веапоска од Дебар која подоцна остана без јајник, матка и бубрег.
Според пресудата, Асани не смее да направи ново кривично дело во следните четири години, а во спротивно ќе треба да одлежи казна затвор во траење од две години. Сепак, според пресудата, на Асани не му е забрането да ја врши професионалната дејност.