Од Платформата сметаат дека со носењето на вакво законско решение, со кое се подобрува статусот и заштитата на укажувачите како вредна алатка против корупцијата, ќе се пристапи кон подобрување и функционирање на уште еден механизам во борбата против корупцијата

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата упати барање до надлежните институции за итно донесување на предлогот на Законот за заштита на укажувачи, изразувајќи сериозна загриженост поради бавниот процес за донесување на предлогот.
И покрај активната вклученост на Платформата во работната група при Министерството за правда, која одржала 15 состаноци и две јавни дебати уште во декември 2023 година, законското решение и понатаму неоправдано доцни.
Од Платформата велат дека во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија нотира дека Законот за заштита на укажувачите сè уште треба дополнително да се усогласи со ЕУ и да обезбеди соодветни механизми за спроведување.
Се предупредува дека индивидуите кои пријавуваат неправилности може да се соочат со вознемирување, отказ или други негативни последици, што ја поткопува ефективноста на законот.
Од Платформата сметаат дека со носењето на вакво законско решение, со кое се подобрува статусот и заштитата на укажувачите како вредна алатка против корупцијата, ќе се пристапи кон подобрување и функционирање на уште еден механизам во борбата против корупцијата.
Оттаму потсетуваат дека програмата за работа на Владата за 2025 година го предвидува Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи за мај (страна 32), со цел да се надминат идентификуваните недостатоци. Со оглед на тоа што годината истекува, организациите бараат итно постапување.
