До неговото донесување, ставот на Платформата е да се вратат одредбите во КЗ што важеа до контроверзните измени во 2023 година, а не да се оди со донесување нови измени и дополнувања кои, како што велат, дополнително ќе ја ослабнат казненоправната заштита од корупција и злоупотреба на службената положба
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара да се вратат одредбите од Кривичниот законик (КЗ) какви што беа пред контроверзните измени од септември 2023 година, а потоа да се оди на донесување целосно нов Кривичен законик.

Од Платформата не се согласуваат контроверзните измени на КЗ од 2023 година да се „коригираат“ со новиот предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот закон, што се во собраниска процедура.
Според граѓанските здруженија обединетите околу Платформата за борба против корупцијата, новите измени што се предлагаат нема да ги отстранат штетите што ги предизвикаа измените од 2023 година, туку дополнително ќе ја ослабнат казненоправната заштита од корупција и злоупотреба на службената положба.
За ваквиот свој став во врска со предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Платформата денеска доставила допис од Собранието и до матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
„Заеднички и недвосмислен став на Платформата на граѓански организации за борба против корупција е дека предложеното преодно решение не ги отстранува суштинските штети предизвикани со измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, туку дополнително ја ослабува казненоправната заштита од корупција и злоупотреба на службената положба. Затоа, јасно и експлицитно бараме да се вратат идентичните одредби од Кривичниот законик кои беа во сила пред измените од 2023 година, како единствено разумно, правно сигурно и одговорно преодно решение, сѐ до донесување на целосно нов Кривичен законик“,
се вели во соопштението од Платформата.
Оттаму потсетуваат дека на јавната расправа што се одржа во петокот во парламентот, јасно било укажано дека предложените измени, особено во членот 353, кој се однесува на корпусот кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластување, ја сведуваат кривичната одговорност на исклучително тесен и практично неприменлив опсег.
Со тоа, како што велат од Платформата, во суштина се декриминализираат најчестите и најтешки форми на корупција во јавните набавки – фаворизирање, селективно постапување, приспособување на тендерските услови, склучување договори без реална потреба и толерирање незаконитости.
„Ваквиот пристап создава правна несигурност и реален ризик од прекин на тековни истражни и судски постапки, бидејќи обвинителството и судовите ќе останат без правна основа за постапување во најголем дел од случаите“,
велат од Платформата.
Велат и дека на расправата посочиле дека предложеното решение ја ограничува „користа“ исклучиво на имотна корист, што е спротивно на европските антикорупциски стандарди. Воедно, со тоа се исклучува и одговорноста за бројни неконвенционални, но, како што велат од Платформата, широко распространети форми на корупција, како фаворизирање, непотизам и стекнување нематеријални привилегии.
Дополнително, според групата граѓански организации, намалувањето на максималните казни, пак, директно влијае врз роковите на застареност, кои се преполовуваат, иако меѓународните тела континуирано укажуваат дека кај високата корупција е неопходен подолг период за откривање, истрага и гонење.
„Исто така, беше нагласено дека воведувањето ново, недоволно анализирано преодно решение ќе доведе до сериозно нарушување на правната сигурност, бидејќи во краток временски период државата ќе има повеќе различни дефиниции за истите кривични дела“,
велат од Платформата.
Во анализата на граѓанските организации, се вели и дека со измените на членот 353-в кривичната одговорност се ограничува исклучиво на имотна корист и се брише т.н. „заштитна мрежа“ за други очигледно несовесни начини на вршење на службата. Тоа, велат од Платформата, создава ризик од фактичка амнестија за службените лица во органите на државната управа и сериозно го стеснува опсегот на гонење неконвенционални, но чести форми на корупција.

Граѓанските организации укажуваат и дека предложените измени во делот на проширената конфискација сериозно го нарушуваат основниот принцип дека таа може да се примени само по правосилна осуда за тешки облици на корупција или организиран криминал.
Со бришење на јасната граница меѓу проширена конфискација и конфискација без кривична осуда, велат оттаму, се создава ризик од каскадна конфискација и произволно префрлање на товарот на докажување, што, според Платформата, претставува сериозна закана за правната сигурност и отвора простор за злоупотреби.
Оттаму укажуваат дека донесувањето вакви значајни измени во Кривичниот законик мора да се спроведе во суштински и инклузивни консултации со засегнати страни. Според Платформата, во процесот треба да бидат вклучени судиите и јавните обвинители, како практичари кои се најдиректно засегнати од измените и чие искуство, што, велат, е клучно за оценка на нивното реално влијание и примена во судската пракса.
„Поради сето наведено, апелираме до пратениците во Собранието да ги земат предвид аргументите изнесени на јавната расправа и без одлагање да ги вратат одредбите од Кривичниот законик какви што беа пред измените од септември 2023 година, како неопходен чекор за заштита на јавниот интерес, владеењето на правото и кредибилитетот на државата пред граѓаните и меѓународната заедница до донесување на целосно нов Кривичен законик“,
наведуваат од Платформата.
Инаку, членки на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата се: Асоцијација за демократски иницијативи, Институт за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, Институт за човекови права, Коалиција „Сите за правично судење“, Здружение КОНЕКТ – Скопје, Македонски центар за меѓународна соработка, Мост, „Метаморфозис“, Охрид институт, Транспаренси интернешнал – Македонија, Транспарентност Македонија, Фондација Отворено општество Македонија, Форум ЦСИД, Центар за граѓански комуникации, Центар за истражување и креирање политики, ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, Хелсиншки комитет за човекови права, SCOOP – Центар за истражувачко новинарство.
Поврзани вести:
