Како Платформа за родова еднаквост сметаме дека големиот број прегледи на оваа емисија влијае на јавното мислење, особено кај младите луѓе кои лесно можат да дојдат до заклучок дека „шамарање девојка“ пред сексуален однос е сосема нормално однесување на момчињата и притоа да не сносат никаква одговорност ниту последица за ваквиот чин
Од приватниот сектор, кој го поддржува Стефан Лазаров и ги користи неговите услуги за рекламирање, од Платформата за родова еднаквост бараат да ја прекине соработката со него

Членките на Платформата за родова еднаквост бараат да се прекине емитувањето на поткастот на Стефан Лазаров, а Обвинителството да постапи во законски рок и да поднесе обвинителен акт за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
„Сметаме дека поткастот го нормализира насилното однесување на родова основа преку искуствениот пример на Драган Павловиќ-Латас, што за него е вообичаен начин за стекнување прво сексуално искуство кај момчињата на 15 годишна возраст. Воедно ја осудуваме изјавата во медиумите на водителот на поткастот Стефан Лазаров кој не се огради од ваквата содржина, туку напротив го поддржа говорот на Латас“,
се вели во реакцијата од Платформата за родова еднаквост.
Како Платформа за родова еднаквост сметаме дека големиот број на прегледи на оваа емисија влијае на јавното мислење, особено кај младите луѓе кои лесно можат да дојдат до заклучок дека „шамарање девојка“, според изјавата на Латас и Лазаров, пред сексуален однос е сосема нормално однесување на момчињата и притоа не сносат никаква одговорност ниту последица за ваквиот чин.
„Иако во описот на поткастот се наведени правила дека не се дозволени говор на омраза и расизам, оваа емисија содржи токму ваков наратив. Затоа, како членки на Платформата бараме поткастот да биде избришан од оваа видео-социјална платформа и да се прекине со емитување на овој проблематичен поткаст“,
наведуваат од Платформата за родова еднаквост.
Оттаму додаваат дека од она што јавноста го посведочи, јасно е дека Драган Павловиќ-Латас и Стефан Лазаров се поддржувачи на насилното однесување и омаловажување на жените во сексуалните односи.
„Тие ги користат своите платформи за промовирање и нормализирање на насилството врз жените. Бидејќи се претставуваат како застапници за зачувување на ‘традиционалните вредности’, ги прашуваме Латас и Лазаров дали да силуваш и да се фалиш со тоа е вредноста која ја бранат и промовираат?!“,
прашуваат од Платформата за родова еднаквост.
Од приватниот сектор, кој го поддржува Стефан Лазаров и ги користи неговите услуги за рекламирање, од Платформата за родова еднаквост бараат да ја прекине соработката со него.
„Во спротивно, со нивната поддршка кон овој поткаст поддржуваат и овозможуваат ширење на мизогинија, родово засновано насилство, расизам и говор на омраза. Дополнително, во време кога во борбата против насилството врз жените, меѓу другото, е неопходно и подигање на јавната свест, јавните личности имаат посебна одговорност во справувањето со оваа реторика и промовирање на позитивни вредности кои ќе придонесат кон искоренување на насилството, а не кон негово промовирање“,
додаваат оттаму.