Во наредниот период „360 степени“ ќе пренесе неколку текста за ситуацијата во Украина изработени во рамките на „The Reckoning Project“ – глобален тим од новинари и правници што документира, објавува и изготвува случаи за воени злосторства на Русија во Украина
Прва од серијата стории што ќе ги реобјавиме е за позицијата на украинските наставници во окупираните подрачја и притисоците со кои тие се соочуваат
Пред да започне онлајн часот, Татјана го затвора прозорецот со завеса. Зборува украински, но тивко, внимателно. Сопругот и синот стражарат. Во секој момент може да упаднат руски војници. Еден ден тоа навистина се случи. Упаднаа кога Марија не очекуваше – речиси еден месец откако одби да работи според руските програми. Околу една недела неа, наставничка во одделенска настава, ја држеа во притвор.
На окупираните украински територии, просветните работници кои одбиваат да прават Руси од украинските деца предизвикуваат сомнеж. Оние што ги задржуваат проукраинските ставови мораат да се кријат и да молчат. Оние кои имаат храброст тајно да ги учат децата на украински мора да бидат подготвени на затвор или на тоа дека ќе ги принудат да го напуштат својот дом.
Две наставнички раскажуваат како Русија ги натерала да се плашат од сè што е украинско, ги оставила без работа и ги избркала од дома.
Тајна работа
Татјана е од Запорошката Област. Живеела две години под окупација. Заминала на териториите под контрола на Украина.
Од летото 2025 година таа повторно работи како кореограф таму каде што украинскиот јазик за неа и за нејзините ученици не претставува закана.
„Таква радост, дури и се дише полесно“ – вели Татјана по месеци работа во пошта во мало гратче на југот на Украина во кое, заедно со сопругот и со синот, избегала од окупацијата.
„Кога првпат влегов во новата сала за кореографија, гледам, а таа не е моја, штангата не е моја. Ме стигнуваат спомени за учениците, костимите – за сè што оставив дома. Ништо, си велам, и тука ќе биде свое. Иако се надевам дека сум тука ненадолго, дека наскоро ќе се вратам дома“,
признава Татјана.
На крајот на мај 2022 година, веќе под окупација, кога станало невозможно да се работи во Центарот за детско и младинско творештво, Татјана почнала тајно да ги учи децата да танцуваат, ама онлајн.

„Како дознав дека не смее отворено да ги подучувам? Ја видов нашата директорка – беше пребледена од страв. Русите рекоа дека онака како што сакаме ние, на украински јазик според украинска програма, нема да работиме. Потоа ни дадоа време, кој сака да остане, кој не – да си ги земе работите“,
се присетува жената.
Татјана ги замотала народните носии во други алишта, одозгора нафрлила повеќе обични работи. Ги сокрила наградите и знаменцата на Украина. Дома трчала по патеки, плашејќи се некој да не ја види.
Градот вриел од руски војници. Тие запирале луѓе, ѕиркале и во најмалите чанти, ги проверувале работите.
Дома Татјана дел од знаменцата ги завиткала во фолија и ги пикнала во кутија од бонбони. Другите во кутија од млеко – го исекла дното, ги ставила внатре. Така сето тоа и стоело, во фрижидерот.
За да не се појави сомнеж дека сè уште заработува од предавање, се вработила во продавница. Таму одвреме-навреме доаѓале познаници и се чуделе што таа, како кореограф и педагог, прави тука. И нуделе да оди на работа во градинка или да се врати во центарот, ветувале добра плата, нагласувајќи дека децата сепак се наши.
Прашував според која програма работат. Велев дека не сакам да им ставам пропаганда во главите. Кај нив има игри како – ги заобиколивме мините, дојдовме кај мама, па потоа фрлаат играчки гранати. Знам многумина во градот, знам на што ги учат децата – колку е „добар рускиот свет“, колку е „лоша Украина“.
„Јас прво кажував сè што мислам, а потоа замолчив. Не еднаш ме предупредуваа да бидам внимателна, дека многу прашуваат за мене. Ми ги пренесуваа зборовите на колешка која веќе била во ‘подрумот’ (во затвор/мачилиште). Јас дури и не знам што се случило со неа и каде е таа сега“,
вели Татјана.
Оние кои, како Татјана, ги задржуваат проукраинските ставови под окупација, според руското законодавство можат да бидат обвинети за екстремизам. Како што се наведува во аналитичкиот извештај на центарот за граѓанско образование „Алменда“, под екстремизам во Руската Федерација можат да потпаднат како реални насилни дејствија, така и изразување несогласување со владата или негативна оценка за дејствијата на власта или вооружените сили на Русија. Таквата замена на тези овозможува борбата против екстремизмот да се користи како алатка за репресија.
На оние кои се обидуваат да го зачуваат својот украински идентитет на привремено окупираната територија им се закануваат казни, принуда на јавни извинувања и внесување во регистрите на екстремисти. На пример, во едно од кримските села наставник по математика бил казнет со 45 илјади рубљи (повеќе од 500 долари) поради критика на војната и поддршка на Украина. Друга наставничка од Крим била отпуштена од работа поради изведба на украинската химна и песната „Црвена калина“. Во Симферопол, пет лица на возраст од 17 до 21 година биле приведени поради пеење украински песни во парк. Им биле поднесени прекршочни пријави.
Татјана, секако, никому не кажувала дека продолжува да ги учи своите ученици онлајн – на украински и според украинската програма.
„Разбирав што ми се заканува, но, си мислев, ако децата останале под окупација и сакаат да вежбаат, како можам да ги одбијам? Јас едноставно морам да работам. Само така што никој да не дознае. Бидејќи имав видено луѓе откако излегле од ’подрумот‘. Беше тешко да ги препознаеш“,
објаснува педагогот.
За време на онлајн-часовите требало да се предава тивко, не онака како што можеш, не онака како што сакаш, бидејќи е страшно да се зборува украински. Требало и да се избере вистинското време – да има луѓе на улица, сообраќај, некакви звуци. Но, градот станал пуст.
Според информациите на Министерството за образование, заклучно со почетокот на 2025 година, на териториите привремено окупирани од Русија се наоѓале 600 илјади украински деца на училишна возраст. Седум проценти од нив учеле во украинскиот систем на онлајн образование. Бројот на такви ученици секоја година значително се намалува. Според зборовите на образовниот омбудсман Надија Лешчик, тоа се случува поради притисокот и заканите, опасноста по животот и здравјето на децата и нивните родители, како и поради контролата на интернетот од страна на окупациската власт.
Часовите на Татјана траеле до четириесет минути, не повеќе. Прво, Татјана ги покажувала движењата, потоа по ред – децата. Не е едноставно да се танцува онлајн – не можеш да пријдеш, да го поправиш наклонот на главата, да ја наместиш ногата, мора да научиш да управуваш исклучиво со зборови, но на крајот зборовите почнале да се наоѓаат.
„Се трудев да бирам музика без зборови, или да биде странска. Им велев и на родителите и на децата дека нашите часови се опасни. Но, децата и така го знаеја тоа. Таму тоа е во воздухот – дека украинското не е дозволено“
вели таа.
Под окупацијата и синот на Татјана го продолжил образованието во украинско училиште. Тој го правел тоа исто така тајно и онлајн. Со Татјана имале еден лаптоп, кој по украинските часови го криеле зад облогата на кадата. Се случувало, исплашена од звуци во влезот, Татјана набрзина да го пикне каде ќе стигне – еднаш лаптопот се нашол во замрзнувачот.
Во зградата на Татјана често влегувале руски војници. Затоа, кога таа работела, сопругот и синот биле на стража. Знаете, вели Татјана, стравот те тера цело време да гледаш низ прозорецот.
„Зошто – тоа може да се праша на различни начини. Тие го прават тоа така за да те исплашат. Тие можат да те соберат. Или да ти го искинат пасошот. На луѓе им ги кинеа. И никогаш не знаеш што да очекуваш кога ќе дојдат кај тебе, што се ќе направат. На крајот на декември 2024 година дојдоа кај нас. Стравот беше на секој чекор. И наутро, и дење, и ноќе. Страв, кога војникот ќе рече – зошто не одите да гласате (на референдумот). Кога бара документи, а ти покажуваш украински пасош”,
раскажува таа.
Татјана била на работа во продавницата. Десетина војници упаднале во нејзиниот стан. Сопругот го легнале на подот, не му дозволувале да ја крене главата. Кога ќе заборавел да одговори – го тепале.
Со синот зборувале во соседната соба. Биле љубезни. Прашувале зошто не учи во руско училиште. Наредиле веќе утредента сите членови на семејството да извадат руски пасоши, се заканиле дека ќе дојдат да проверат. Од тогаш во станот на Татјана станало особено тивко.
„Не сакавме повеќе да бидеме таму. Синот со недели не излегуваше од дома. Ноќе не спиеше. Ќе чуеше и најмал шум – и веднаш беше на прозорецот. Страв. И тие пасоши…“,
раскажува понатаму Татјана.
Но, таа се плашела да замине. Се плашела дека ќе ги приведат, дека нејзиното одбивање да работи за Русија им е познато на сите. Сепак, неколку месеци по претресот, со помош на волонтерска организација, Татјана со сопругот и синот се одлучиле да го напуштат домот. Семејството се населило во мало украинско гратче, над кое многу често летаат руски дронови.
„Но, дури и кога ги соборуваат – не е толку страшно како дома, кога ќе се приближеше автомобил. Тука, благодарение на враќањето на работата со деца, јас сум мирна. Кога на мојот телефон свири ’Црвена калина‘, а учениците пеат – тоа е најдобриот лек“,
вели Татјана.
Заробеништво
Марија е од Херсонската Област. Поминала 8 месеци под окупација. Заминала во странство. (Името во текстов е сменето на нејзино барање)
Марија исто така повторно ги учи украинските деца – своите ученици од одделенска настава. Некои од нив живеат во Украина, некои во странство, некои – под окупација. Затоа таа работи само онлајн. На децата од окупираните области со месеци им повторува – никому, под никакви околности, не кажувајте дека учите во украинско училиште.
На Марија ѝ недостига нејзиното училиште, спокојниот живот, кога одиш на работа, се занимаваш со омилената професија и се враќаш дома. Тој живот повеќе го нема. Домот повеќе го нема.
Градот на Марија е окупиран од февруари 2022 година. Во првите две години од окупацијата, населението на општината се намалило трипати. Во 2025 г. окупациската власт признала дека на претпријатијата им недостасуваат повеќе од половина од работниците. Во градот, со физичко присуство, не работи ниту едно училиште или градинка.

На онлајн часовите Марија потсетува некои од своите ученици да се кријат во случаи на зголемена опасност – понекогаш тие не ги забележуваат тревогите, понекогаш, пак, не реагираат на гранатирањата.
А самата таа сè уште ги затвора ушите кога ќе чуе бучава од најобични авиони. Инстинктивно се прилепува до земјата. Иако повеќе од две години живее во безбедна европска земја, па дури и не си повторува постојано – смири се, нема да дојдат по тебе, нема да те земат.
Како што тоа се случи во септември 2022 година. Кога, како да е злосторничка, со вперени пушки ја повеле по скалите надолу. Можеше ли оваа 50-годишна жена да се замисли себеси во затвор?
Не се сметав себеси за ризична група, признава Марија, присетувајќи се на денот кога ја привеле во сопствениот стан. – Јас не сум директор, не сум заменик, туку обична наставничка.
Тоа утро, кога некој со тресок упаѓал во нејзиниот стан, Марија набрзина ги фрлила своите телефони под каучот. Затоа, од под каучот доаѓале звуци на вести на украински. Требало итно да се исклучат.
Еден месец пред претресот, Марија конечно ја избркале од училиштето во кое почнала да работи како 19-годишна девојка и во кое сонувала да ги учи децата цел живот. Сепак, откако одбила да соработува со окупаторите, нејзе, како и на другите наставници кои постапиле исто, им наредиле да го напуштат училиштето.
Марија влегла во училницата во која до неодамна работела со првачињата и почнала да ги пакува наставните материјали – сè што содржело украинска симболика. Новата заменичка ја предупредила дека тоа што ќе го остави ќе биде уништено.
„Триесет години мој труд“ – помислила Марија и ги понела тешките торби на патот кон станот на татко ѝ.
„Ако Русите ги најдеа овие работи, тоа е директен пат кон ’подрумот‘“,
вели Марија.
Таа дури тогаш се освестила за опасноста, иако можела да ја почувствува уште во пролетта 2022 г. кога директорот на нејзиното училиште Русите го однеле во „подрумот“. Но, тогаш кај Марија немало јасен страв.
Дури ни тоа септемвриско утро, кога кај неа упаднале седуммина вооружени мажи, немало страв.
„Сама на себе се чудам. Имаше само револт: кои сте вие?! Што правите тука?“
Во домашна облека, сè уште топла од спиењето во постелата, војниците ја истуркале во ходникот. Потоа почнале да ги превртуваат сите нејзини работи. И дозволиле да се преоблече и ја повеле кон автомобилот. Ја одвезле во зградата во која таа некогаш го извадила својот украински пасош.
Сега тука мачеле луѓе.
„Ме донесоа како обичен крадец: слика – профил, анфас, отпечатоци од прсти. Ме однесоа во соба каде што имаше валкан детски душек. Лежев на него и броев прв, втор, трет ден. Не спиев. Заспав на неколку часа дури кога цимерката ми даде таблета. Не хранеа еднаш или двапати дневно, не се сеќавам. Некаква каша, парче леб. Ми се чини, тоа беше сè. Понекогаш ги слушав разговорите на мажите што ги држеа во подрумот. Таму беше нашиот директор. Се расплакав кога низ решетките на прозорецот видов како го водат на прошетка. Имаше силни гранатирања, слушав удари. Еднаш чуварите толку се исплашија што избегаа и заборавија да нè заклучат. Тоа беше смешно. Но, да се избега беше невозможно – во градот насекаде имаше руски војници“,
раскажува Марија.
Речиси една недела Марија поминала во размислување. Зошто ја привеле? Го анализирала секој кажан збор. Затоа што не молчела кога првпат го привеле директорот? Затоа што излегувала на протести за поддршка на Украина? Или затоа што иако под окупација ја завршила учебната година според украинската наставна програма?
Тука за првпат ја стигнал стравот. Се плашела дека ќе ја испратат некаде. Дека ќе исчезне за своите блиски. Дека не се знае дали воопшто ќе излезе од притвор.
На сослушување Марија ја повикале околу една недела по приведувањето. Пред неа седел истиот човек кој ја зел од дома. Поставувал многу прашања. Покажувал фејсбук-страница на директорот, скриншотови од некаков училиштен чет и фотографија од наставничка која, очигледно, го водела.
„Веројатно, оваа жена работела во тоа време онлајн според украинската програма. Но, јас не ја знаев“, вели Марија.
Марија требало да признае дали работи под окупација со деца. Ја убедувале да го прави тоа според руските училишни програми, ѝ „советувале“ да чита руски книги. На крајот ја предупредиле – ако таа и понатаму се придржува до своите убедувања – подобро ѝ е да си замине.
Наставниците имаат право на безбедност при работа, заштита од неправедно мешање, право на безбедна и добро опремена образовна средина, академска и лична слобода во предавањето и избор на материјали без идеолошка принуда – објаснува Карим Асфари, правен аналитичар на The Reckoning Project, повикувајќи се на Меѓународното хуманитарно право и препораките на Меѓународната организација на трудот во врска со статусот на наставниците.
Сепак, Марија за време на окупацијата добила само затвор и наредба да си замине.
Од затворот излегла болна, но смета дека имала среќа.
„Моите телефони, од кои се слушаа украински вести од под каучот, не ги најдоа. Инаку не сум сигурна дека ќе останев жива. Знаев дека за Русија, во руско училиште не можам да работам. Толку луѓе убиени, мачени, колку луѓе исчезнаа во градот, колкумина држеа по подрумите. Јас заминав. Читам вести, пораки, извештаи – ’почина‘, ’загина‘, ’погоден‘, ’ранет‘. Ученик е во војна. Неговата баба е под окупација. Мојот татко – јас дури не можев ни да го погребам. Мојот внук исчезна. Го баравме цела година. Го затвориле во Русија. Фала му на Бога, жив е. Јас сè уште не можам да спијам“,
вели нашата соговорничка Марија.
Од 2022 година, украинските наставници во окупираните подрачја се принудени да предаваат според руски учебници, инвазијата да ја нарекуваат „обединување“ и на украинските деца да им повторуваат дека Русија ги спасува од нацистите и од НАТО. И покрај тоа, некои педагози продолжуваат тајно да работат според украинската наставна програма, преземајќи голем ризик, за нивните ученици да имаат шанса да го зачуваат украинскиот идентитет.
Додека трае војната, нема да дознаеме колку такви храбри луѓе остануваат да работата во окупираните подрачја, колкумина биле принудени да се покорат на барањата на Руската Федерација, а колку биле подложени на прогон поради своите убедувања.
Пишува: Надија Швадчак
Илустрација: Андриј Калистратенко
Проектот „The Reckoning Project“ е глобален тим од новинари и правници што документира, објавува и изготвува случаи за воени злосторства. Мисијата на организацијата е да го премости јазот меѓу судскиот систем и новинарството, преку обука на истражувачи и новинари за собирање докази погодни за правна употреба. Во изминатите три години, „The Reckoning Project“ има собрано повеќе од 700 потврдени сведоштва, придонел кон поднесоци пред Меѓународниот кривичен суд и доставил докази до повеќе тела на Обединетите нации.
