Премиерот ја претстави реформската агенда на Владата, која е одобрена од Европската комисија и за која рече дека се фокусира на добро владеење, чиста енергија, образование, развој на бизнисот и владеење на правото

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на Самитот за Планот за раст насловен како „Нашиот пат кон ЕУ“, кој се одржува во Тирана, истакна дека за Северна Македонија овој план е многу повеќе од иницијатива, тоа е приказна за претворање на заложбата во вистинска промена.
Мицкоски нагласи дека земјата е прва од регионот која го операционализирала Инструментот за реформи и раст и прва која добила предфинансирање согласно Планот. Ова, според него, е резултат на посветена работа и верба во европските вредности.
Премиерот ја претстави реформската агенда на Владата, која е одобрена од Европската комисија и за која рече дека се фокусира на добро владеење, чиста енергија, образование, развој на бизнисот и владеење на правото.
Тој информира дека досега се исплатени околу 24 милиони евра, комбинација од заеми и грантови, по двете поднесени барања за исплата, со што се поддржани реформи во дигиталните услуги, зајакнување на деловната клима и енергетската ефикасност.
„Продолжуваме со натамошни реформски чекори во сите сектори. Завршувањето на овие чекори ќе отклучи дополнителна поддршка од ЕУ во износ од над 134 милиони евра. Но, ова не се само бројки, ова се приказни за промена“,
рече Мицкоски.
Мицкоски наброја и конкретни примери на интеграција и поврзување, како што се приклучување на Македонија кон единствената еврозона за плаќања (СЕПА), спроведување на проектот ви-фи за Западен Балкан (WiFi4WB) во 63 општини, како и изградба на национална Антена на Фабриката за вештачка интелигенција за поврзување со европскиот екосистем за ВИ.
Премиерот се осврна и на модернизација на три гранични премини – „Деве Баир“, „Блаце“ и „Богородица“ во рамки на иницијативата Зелени ленти.
Според Мицкоски, проекти во вредност од околу 1,1 милијарда евра се во тек преку Планот за раст, од кои над половина милијарда се ЕУ-грантови, насочени кон енергетска ефикасност и нови инвестиции во транспорт и железничка инфраструктура.
Тој упати порака до европските партнери дека Македонија исполнува и оти реформите не се прават затоа што тоа се очекува од нас, туку затоа што веруваме во европската идеја.
Тој побара „правичен, меритократски пристап кој ги наградува резултатите и ја препознава посветеноста“, повикувајќи ги партнерите заеднички да го претворат Планот за раст во вистински напредок, не утре, туку денес.
