Најголем дел од проектите и инвестициите што ги презентираше премиерот се од областа на енергетиката. Тука, Заев го најави проектот за Чебрен, за кој потсети дека ќе биде јавно-приватно партнерство и летово треба да избере компанијата. Меѓу енергетските проекти ја спомена и фотонапонска електрана во Штип на земјиштето од 477 хектари каде беше предвидено да се гради аеродром
Инвестиции во ски-центри, енергетиката, патната, железничката и гасната инфраструктура, во капацитети за преработка на отпад и пречистителни станици, најави премиерот Зоран Заев на заедничка прес-конференција со министрите од економските ресори.
Тој го претстави Интервентниот план за инвестиции (ИПИ) за периодот од 2021-2027 година кој, како што рече, изнесува над 8 милијарди евра и се состои од странски и домашни инвестиции, како и пари од државниот Буџет и грантови од ЕУ.

„Планот содржи јавни и приватни инвестиции кои се во согласност со сегашните и идните стратегии за економски раст на земјата. Од овие средства 5 милијарди и 791 милиони евра се јавни инвестиции додека 2 милијарди и 384 милиони евра се планирани приватни инвестиции. Реализацијата на инвестиции е во согласност со деловните планови на инвеститорите односно буџетската рамка на Владата “
рече Заев.
Европски инвеститор на Попова Шапка, јавно приватно партнерство се планира и за Царев Врв
Меѓу инвестициите кои ги спомена Заев е ски-центар на Попова Шапка за каде завршна фаза се преговорите со познат европски инвеститор.
„Пред завршна финална фаза сме на постигање финален договор за инвестиција во скијачкиот центар Попова Шапка – вредност 50 плус 50 милиони евра. Проектот е согласно Законот за концесии и јавно-приватни партнерства или стратешки инвестиции, зависи од последната фаза на договарање. Суштината е издавање на 99 години концесии на еден од најголемите инвеститори во скијачките центри во Европа. Името сè уште останува доверливо, ред е самиот инвеститор да го објави тоа кога ќе биде одлучено. Се радуваме посебно на оваа инвестиција затоа што ќе даде нова димензија на зимскиот туризам пред сè, и нашата Шар Планина и Попова Шапка ќе бидат нешто што ќе го смени имиџот на државата“,
изјави премиерот.
Паралелно со тоа, рече Заев, завршена е физибилити студијата и за ски-туристичкиот центар Царев Врв на Осоговските планини и планот е таму да се оди со јавно-приватно партнерство.
„Верувам дека со развојот на првиот проект веднаш ќе продуцираме интерес и за вториот затоа што навистина претставува одлична скијачка дестинација“,
изјави Заев.
„Лидл“ стартува со маркети во 8 градови
Меѓу инвестициите премиерот ја најави и таа на германскиот ланец маркети „Лидл“.
Оваа инвестиција е вредна 300 милиони евра, а ќе стартува со дистрибутивен центар и неколку маркети во Скопје, како и со маркети во уште седум други градови.
„Се преговараат во моментот локациите, прво во Скопје, првата е за откупно дистрибутивниот центар. Важно е што обврска на инвеститорот е откуп на домашни и земјоделски производи кои се компетитивни за сите свои маркети во југоисточна Европа“,
рече Заев.
Инвеститор од Луксембург за обработка на отпад од 48 општини
Во амбициозниот план кој го презентираше Заев објави дека веќе 7-8 месеци се преговара со инвеститор од Луксембург кој би инвестирал 336 милиони евра за согорување отпад на еколошки начин односно без кислородно согорување, без оџак. Овој проект, вели Заев, опфаќа 48 општини односно претставува трајно решение за отпадот за 74 отсто од територијата на државата.
„На неа (инвестицијата) и претходат сепарациски опреми за примарна селекција на отпадот. Инвестицијата содржи 100 комунални возила за собирање на смет, изградба на 11 збирни претоварни станици, дополнително 11 збирни потстаници, 6 000 метални и пластични контејнери, асфалтирање на патна делница од 5 километри во село Дуброво и е на територијата на Општина Неготино. Опфаќа 4 од вкупните 8 плански региони со можност да се прошири кон полошкиот, скопскиот регион затоа што кумановскиот и штипскиот (источниот) се решени со грант од ЕУ“,
рече Заев.
Во овој проект комуналните претпријатија ќе имаат обврска да плаќаат по околу 20 евра за еден тон депониран смет. Очекувањата се дека годишно од овие региони ќе се собираат 700 000 до 1 милион тони отпад.
Нов Клинички центар и понуда до опозицијата да ја контролира изградбата
Долгонајавуваниот нов Клинички центар исто така е дел од планот за инвестиции на Владата. Заев потсети дека е планирано да се гради во Ѓорче Петров во вредност од 500 милиони евра, со можност за грант од ЕУ од 250 милиони евра. Но, пречка блокадата на опозицијата во парламентот …
„Овде апелираме до опозицијата кога ќе влеземе во парламентот со овој проект, уште еднаш да го разгледаат како можност. Отворени сме да дадат свои сугестии на дополнување и измени на законот, да учествуваат во програмските единици за имплементација па дури и со свое мнозинство во контролата. Замислата е да имаме трета страна, меѓународна компанија која ќе ги утврдува вистинитоста на цените за изградба на овој огромен капитален проект“,
рече Заев.
Инвестиции во енергетиката
Најголем дел од проектите и инвестициите што ги презентираше премиерот се од областа на енергетиката. Тука, го најави проектот за Чебрен, за кој рече дека ќе биде јавно-приватно партнерство и летово треба да избере компанијата.
„Влегуваме во втора фаза на историски Чебрен, инвестиција на ЕСМ по пат на јавно приватно партнерство. Девет компании поминаа во првата фаза. Веќе имаме договор со трансакциски советник кој треба во текот на летото да ја заврши втората фаза и да ја избереме најдобрата понуда. Се работи за инвестиција помеѓу 500-800 милиони евра. Очекуваме сериозно учество на ЕСМ со повеќе од 30 проценти и веруваме дека со условите кои ги нудиме оваа инвестиција ќе успее затоа што е регионална материја, атрактивна и примамлива за многу светски енергетски компании. Од 9 компании две се кинески, две турски и пет се европски џиновски компании кои се заинтересирани“,
изјави Заев.
Заев оптимистички ја најави и планираната фотонапонска електрана во Штип на земјиштето кое беше предвидено да се гради аеродром – 477 хектари. Инвестицијата ќе тежи 200 милиони евра и според најавите од премиерот, ќе биде една од најголемите фотонапонски електрани на Балканот.
Исто така, зборуваше и за изградба на најавената фотонапонска електрана од 100 мегавати на стариот јагленокоп во Осломеј.
„Вредност на инвестиција е 70 милиони евра, ова е постапка која успешно ја завршивме по пат на јавно приватно партнерство или издавање на концесии каде државата бараше најмалку 10% заради земјиштето и обврската за приклучок како и урбанизација на стариот јагленокоп во Осломеј да поставиме 100 мегавати фотонапонска централа со обврска инвеститорите да земат по 1 вработен по мегават односно 100 вработени од Осломеј за да трајно ги обезбедиме тие наши сограѓани. На крајот добиваме 18% од едната компанија, 18,5% од другата компанија што ги помина сите наши очекувања, но веруваме тоа само ја потврдува Северна Македонија како одлична дестинација за инвестиции во фотонапонски централи“,
рече Заев.
Од енергетиката, тој ги наброја и најавените регионални ветерни паркови во Богданци за производство на 30 мегавати електрична енергија, во Свети Николе каде ќе се произведуваат 26 мегавати и во Демир Капија со капацитет од 30 мегавати. Во наредните неколку недели тој најави почеток на изградбата на фотонапонска електрана, во Осломеј, што ќе биде државна инвестиција …