По затворањето на лидерот на партијата, Абдула Оџалан, во 1999 година имаше повеќе обиди за ставање крај на непријателствата и крвопролевањето, во кои, според проценките, животите ги загубиле повеќе од 40 000 луѓе
Забранетата курдска милитантна денеска прогласи прекин на огнот со Турција, по повикот на лидерот на Курдистанската работничка партија (ПКК), Абдула Оџалан, кој е во затвор, групата да се распушти, пренесе британски „Гардијан“.

Станува збор за прва реакција на ПКК по повикот на Оџалан кој дојде оваа недела, кој побара бунтовничката група да го остави оружјето и да ги прекине непријателствата со Турција кои траат 40 години.
„Со цел да го отвориме патот за имплементација на повикот на лидерот на Апо за мир (Оџалан) и демократско општество, од денеска прогласуваме прекин на огнот… Се согласуваме со содржината на повикот таква каква што е и објавуваме дека ќе го следиме и ќе го спроведеме. Ниту една од нашите сили нема да преземе вооружена акција доколку не биде нападната“, соопшти извршниот комитет на ПКК со седиште во северен Ирак, а јави новинската агенција АНФ, блиска до ПКК.
Курдската работничка партија, која е прогласена за терористичка група од Турција, САД и Европската Унија, води вооружен бунт од 1984 година со цел да создаде независна држава на Курдите, кои сочинуваат околу 20 отсто од населението на Турција кое брои околу 85 милиони граѓани.
По затворањето на лидерот на партијата Абдула Оџалан во 1999 година имаше повеќе обиди за ставање крај ја непријателствата и крвопролевањето, во кои, според проценките, животите ги загубиле повеќе од 40 000 луѓе.
По неколку состаноци со Оџалан во затворот каде се ноаѓа, прокурдската партија ДЕМ во четвртокот го пренесе неговиот апел ПКК да го остави оружјето и да свика конгрес за да прогласи распуштање на организацијата.
ПКК денеска соопшти дека е подготвена да го свика конгресот како што повикува Оџалан, но „за тоа да се случи, мора да се создаде соодветна безбедна средина“ и оти Оџалан „мора лично да ги насочи и води“ за конгресот да биде успешен.
Групата, исто така, сооопшти дека затворските услови на Оџалан мора да се олеснат, додавајќи дека тој „мора да може да живее и да работи во услови на физичка слобода за да може да воспоставува непречени односи со кого сака, вклучително и со неговите пријатели“.
По пропаѓањето на последната рунда мировни преговори меѓу Турција и ПКК во 2015 година, двете страни се воздржуваа од секаков контакт во изминатиот период. Промената дојде откако тврдокорниот националистички сојузник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган понуди изнедадувачки мировен гест доколку Оџала го отфрли насилството.
Поддржувајќи го повикот за приближување на ставовите, владата на Ердоган истовремено го засили притисокот врз опозицијата, апсејќи стотици политичари, активисти и новинари.
Повикот на Оџалан, турскиот претседател вчера го оцени како историска можност.
Тој рече дека Турција внимателно ќе следи за да се осигури дека преговорите за ставање крај на бунтот ќе имаат успешен епилог.
„Кога ќе се елиминира притисокот на тероризмот и оружјето, просторот за политика во демократијата природно ќе се прошири“, рече Ердоган.
Повикот на Оџалан го поздрави и Ирак, чии власти наведоа дека тоа е позитивен и важен чекор кон постигнување стабилност во регионот.
Инаку, присуството на ПКК во Ирак е постојан извор на тензии меѓу Багдад и Анкара.
Групата има позиции во автономниот регион Курдистан во Ирак, каде Турција има и воени бази и често спроведува копнени и воздушни операции против курдските милитанти.