Европската комисија (ЕК) сѐ уште работи на преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји повеќепати изјави дека тие ќе бидат објавени во јуни, но портпаролката Ана Писонеро, одговарајќи на новинарско прашање, денеска изјави дека Комисијата сѐ уште работи на текстовите.

„Ги финализираме документите, немаме датум кога тие ќе бидат презентирани, но целта ни е тоа да биде што е можно поскоро“,
рече Писонеро.
Европската комисија уште од почетокот на овој месец најави финализирање на преговарачките рамки. Како што посочија оттаму, тие нема да бидат достапни за јавноста туку ќе има само соопштение. Овие нацрт-рамки им се предаваат на земјите членки во Советот на ЕУ, кои потоа треба да ги одобрат и евентуално модифицираат.
Според агендата на Советот, не се очекува тие да бидат на дневен ред ова лето бидејќи во наредните недели интензивно се преговара за буџетот на ЕУ.
