Опозицијата тврди дека ситуацијата на Инфективното одделение во штипската болница ескалира и дека пациентите се оставени без боци за кислород
Пискотници се слушаат од ковид-центарот на Источна Македонија. Болните од надвор молат за легло повеќе, а болните внатре за кубик кислород. Со вакви констатации ја почна денешната прес-конференција во Штип, Санела Петрова од ВМРО-ДПМНЕ. Повикувајќи се на сведоштвата на вработени, болни и нивните роднини, таа посочи дека состојбата на Инфективното одделение во штипската болница е катастрофална.
„Денес Штип останал без боци за кислород, кои дури и ако ги има не се оперира соодветно со нив. Клиничката болница не располага со централен довод на кислород, што ја прави зависна од овие боци. Меѓутоа, во случаите кога на пациентите им се дава неопходното количество, тоа се врши на опасен начин. Поради непостоењето на регулатор за кислород, кој чини само 50 евра, пациентите добиваат несоодветна количина од овој гас. Освен тоа, една маска се користи за сите пациенти болни од ковид-19, а не ретко и нема можност да се опслужат неколку пациенти одеднаш“,
оценува Петрова.
Според неа, ситуацијата на Инфективното одделение ескалира, поради што апелира за итна реакција од надлежните. Во спротивно, како што вели Петрова, не само бројот на болни, туку ќе почне да се зголемува и бројот на починати во Штип.