Убиецот на конзервативниот активист Трамп го нарече „радикализирано, ладнокрвно чудовиште“ и ја обвини левицата за насилството во САД. На крајот од своето обраќање, во кое го опиша Кирк како „голем човек од својата генерација“, на Трамп на сцената му се придружи вдовицата на Кирк – Ерика Кирк, а двајцата се прегрнаа
Пиштолот беше насочен кон него, но куршумот беше насочен кон сите нас – порача американскиот претседател Доналд Трамп на комеморацијата за Чарли Кирк. Во говорот пред преполниот стадион „Стејт Фарм“ во Аризона, Трамп го окарактеризира атентатот врз Кирк како напад врз идеалите на сите конзервативци.

Десничарскиот активист Кирк, кој беше убиен на 10 септември, претседателот на САД го нарече голем американски херој и маченик за американската слобода.
„Тој е маченик за слободата на Америка. Знам дека зборувам во име на сите овде денес кога велам дека никој од нас никогаш нема да го заборави Чарли. А ниту историјата“,
рече Трамп.
Во говорот пред толпата додаде дека за едно нешто не се согласувал со Кирк – не ги мразел своите противници.
„Тој беше мисионер со благороден дух и голема, голема цел. Не ги мразеше своите противници. Сакаше најдобро за нив. Тука не се согласував со Чарли. Го мразам мојот противник. И не го сакам најдоброто за нив“,
додаде тој.
Убиецот на конзервативниот активист Трамп го нарече „радикализирано, ладнокрвно чудовиште“ и ја обвини левицата за насилството во САД. На крајот од своето обраќање, во кое го опиша Кирк како „голем човек од својата генерација“, на Трамп на сцената му се придружи вдовицата на Кирк – Ерика Кирк, а двајцата се прегрнаа.

Во своето обраќање, кое на моменти беше емотивно, таа порача дека ќе ја продолжи работата на својот сопруг и дека му простила на осомничениот убиец на Кирк велејќи дека омразата не е одговор на омраза.
На комеморацијата на Кирк во Аризона се собраа повеќе од сто илјади Американци.
Кирк беше застрелан додека зборуваше на форум на Универзитетот во Јута на 10 септември, а подоцна почина во болница. За неговото убиство е осомничен 22-годишниот Тајлер Робинсон. Доколку биде осуден, може да се соочи со смртна казна.