Владата на денешната седница одлучи да ги поништи одлуките на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи за разрешување петмина директори во јавни установи. Станува збор за директорите на меѓуопштински центри за социјална работа во Штип, Битола, Пробиштип, Валандово, Прилеп и Радовиш. На владиниот профил на Фејсбук пишува дека одлуките на Мизрахи за разрешување и именување в.д. директори на центрите се противзаконски.
„Одлуката на техничката министерка Рашела Мизрахи за разрешување и именување в.д. директори на центрите за социјална работа е донесена спротивно на чл.46 став 2 од Законот за Влада: ‘Дополнителниот заменик на министерот заедно и рамноправно со министерот учествува во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа’. Со оглед дека целта за избор и на техничкиот министер и на дополнителниот заменик на министер е организација на изборите за пратеници во Собранието, сите правни и кадровски прашања потребно е заедно и рамноправно да се разгледуваат и за истите заедно и рамноправно да се носат одлуки односно да се одобруваат, што следствено ќе биде верификувано со акт/документ кој ќе биде потпишан во случајов од министерката и од дополнителната заменичка на министерката“, стои во објавата.
Во написот се вели дека техничката министерка спротивно на Законот и со притисок врз вработените во архива (со писмена наредба) ги донела решенијата за разрешување и за именување на други вршители на должност.