Македонските средношколци, споредено со земјите од регионов, се подобри само од своите врсници од Косово, покажаа резултатите од меѓународното тестирање ПИСА на средношколци на возраст од 15 години што беше спроведено минатата година. Резултатите ги објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Тестирањето е спроведено во 79 земји. С. Македонија е рангирана на 67. место, а пред неа се Словенија (21), Хрватска (29), Србија (45), Црна Гора (52) и Босна и Херцеговина (62).
На прво место во светот се средношколците од Кина, а потоа следуваат Сингапур (2), Макао (3), Хонгконг (4), додека од европските земји најдобра е Естонија, која е на петто место.
Со ПИСА во земјава беа опфатени околу 5.500 средношколци кои беа тестирани во три категории – наука, математика и писменост. Просечно, македонските ученици добиле 393 поени за разбирање на читањето, а средната оценка е 487, 394 за математика, а средната оценка е 489 и 413 за наука под средната оценка од 489.
Македонските средношколци ПИСА-тест полагаа во 2000 и во 2015 година, кога се добиени резултати под меѓународниот просек. На тестот пред четири години С. Македонија беше рангирана на дното на листата од 72 земји во светот, заедно со Тунис, Косово, Алжир и Доминиканска Република.
Но, просечните перформанси во математиката се подобриле во 13 земји и економии, меѓу кои и во С. Македонија.
И просечното разбирање во читањето е подобрено во четири земји и економии, меѓу кои и кај нас. С. Македонија е меѓу земјите каде што резултатот за читање, односно разбирање текст, нагло и најмногу се зголеми за 41 поен. За споредба, во Турција тоа е 37 поени, а во Макао и во Сингапур е помеѓу 10 и 20 поени.
Многу поретко е зголемувањето на просечните оценки во науката. Во периодот помеѓу 2015 и 2018 година просечната оценка е зголемена за повеќе од 10 поени, но само во четири земји и економии: Турција (43), С. Македонија (29), Јордан (21) и Макао (15).
Повеќето земји, особено развиените, бележат мало подобрување во текот на изминатата деценија и покрај зголемувањето на трошоците за образование од 15% за истиот период.
„Без здраво образование, младите луѓе ризикуваат да останат на маргините на општеството, не можат да се справат со предизвиците на утрешниот свет на трудот и нееднаквостите ќе продолжат да се шират“,
предупреди генералниот секретар на ОЕЦД, Ангел Гурша.