Досега 55 новинари од 23 земји во светот починаа од новиот коронавирус во изминатите два месеца, соопшти невладината организација Кампања за заштита на медиумите (ПЕЦ), која предупредува дека медиумските работници честопати немаат соодветна заштита од заразата при извршувањето на својата работа.

Во пресрет на одбележувањето на Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај, организацијата предупредува дека многу новинари се изложени на опасност известувајќи за светската здравствена криза, при што многумина од нив се заразиле со ковид-19.
ПЕЦ потврди дека од 1 март се регистрирани 55 смртни случаи од коронавирус меѓу новинарите во 23 земји, меѓутоа се’ уште не може со сигурност да се каже дали сите тие се заразиле при извршувањето на своите работни задачи.
„Новинарите се изложени на голем ризик во оваа здравствена криза поради потребата да информираат преку посета на болници, интервјуирање лекари, медицински сестри, политички лидери, специјалисти, научници, пациенти“,
се вели во соопштението на ПЕЦ.
Исто така, се нагласува дека во голем број држави не се применуваат „неопходните мерки за заштита“, како што се физичко растојание, карантин и носење заштитни маски, особено на почетокот на епидемијата.
Еквадор со најмалку девет новинари кои починале од вирусот е на врвот на листата на ПЕЦ, по што следуваат САД со осум, Бразил со четири и Велика Британија и Шпанија со по тројца новинари.
Невладината организација, исто така, нагласува и дека пандемијата на ковид-19 се искористи во некои земји како оправдување за замолчување на медиумите.
„Цензурата, исклучувањето на интернетот, произволните апсења на новинари, физички и вербални напади и итни закони со кои се ограничува слободата на медиумите, се вообичаени дејствија во последните неколку недели“,
се вели во соопштението.
Од ПЕЦ додаваат дека „тоа е многу загрижувачко во период кога пристапот до веродостојни информации од јавен карактер е поважен од кога било“.