Пратеникот потсети на изјавата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов дека лично ја помогнал опцијата Заев да дојде на власт. Според Петрушевски, овој модел на работење е непроменет и функционира и со Филипче, кого го нарече ментор на Заев

Предлог-резолуцијата со црвените линии на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска беше тема на која пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, упати обвинувања до лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Петрушевски на денешната прес-конференција го обвини раководството на СДСМ дека ги продава националните интереси.
Петрушевски, велејќи дека поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев „своевремено зема куферче од Бојко“, упати прашање до актуелниот претседател на опозициската партија „што зема сега Филипче за да ги продава националните интереси?“.
Пратеникот потсети на изјавата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов дека лично ја помогнал опцијата Заев да дојде на власт. Според Петрушевски, овој модел на работење е непроменет и функционира и со Филипче, кого го нарече ментор на Заев.
ВМРО-ДПМНЕ ја доведе во прашање целта на, како што ја нарекоа, „резолуцијата“ на СДСМ, која била брендирана со таканаречени црвени линии.
„Таканаречената резолуција која ја брендираа со таканаречени црвени линии не се ништо друго, туку тројански коњ за измама на народот“,
рече Петрушевски.
Тој предупреди дека граѓаните нема да наседнат на лагите на СДСМ и ќе ги казнат на претстојните избори.
„Граѓаните видоа што се вистинските намери на СДС и затоа жестоко ќе ги казнат на овие избори“,
додаде Петрушевски.