„Денес никој не е над законот. Ниту поранешен премиер, ниту актуелен пратеник. Но, наместо Заев да се обидува преку тужби да ја замолчи критиката, нека одговори на суштинските прашања што ја интересираат јавноста. А вистината секогаш излегува на виделина“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со тужбата за клевета што поранешниот премиер ја поднесе против него
Јас стојам зад секој јавно изнесен збор и подготвен сум со Зоран Заев да ги соочиме аргументите пред судот и пред јавноста, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, коментирајќи ја на социјалните мрежи тужбата за клевета што против него ја поднесе поранешниот претседател на СДСМ и експремиер.

Петрушевски објавата ја почнува со ставот дека тужбата за клевета „нема да го испере Заев“, ниту ќе ја сокрие вистината, додавајќи потоа дека завршиле времињата кога од позиција на власт се нарачувале пресуди, се вршеле притисоци врз обвинители и судии, и се замолчувале оние што поставуваат прашања.
Судницата, како што наведува тој во истиот контекст, не е средство за заплашување, туку место каде што се утврдува вистината.
„Денес никој не е над законот. Ниту поранешен премиер, ниту актуелен пратеник. Но, наместо Заев да се обидува преку тужби да ја замолчи критиката, нека одговори на суштинските прашања што ја интересираат јавноста. А вистината секогаш излегува на виделина“,
вели Петрушевски.
Поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев, денеска соопшти дека поднел тужба за клевета против пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и против Жан Митрев – кардиохирург и сопственик на истоимената приватна клиника во Скопје.
Тужбите се поднесени до Основниот суд Струмица, а со нив Заев бара утврдување на одговорност и отштета од вкупно еден милион денари – по 500 000 денари од секој од тужените. Надоместокот, како што информира експремиерот во објава на Фејсбук, ќе биде дониран за децата без родители и за лица со посебни потреби.
Причина за поведувањето граѓанска парница против Петрушевски се изјавите на пратеникот од 7 февруари годинава во кои тој го обвинува Зоран Заев за поврзаност со запленетите 27 тони дрога во земјава, тврдејќи дека експремиерот е дел од струмички наркокартел, како и дека лиценците за производство на канабис за медицински цели во времето на владата на СДСМ се доделувале по блискост со владејачката партија.
Повод за тужбата против кардиохирургот Жан Митрев, пак, се наводите кои докторот неодамна ги изнесе во интервју за телевизијата Алфа – дека поранешниот премиер Зоран Заев и ексминистерот за здравство Венко Филипче се обиделе да го принудат да им ги продаде неговите сопственички удели во клиниката.
